Папата до затворениците: Божјото милосрдие е за сите

Папата Фрањо на 17 февруари се сретна со затворениците во мексиканскиот град Сиудад Хуарез на границата со САД и им порача дека Божјото милосрдие ги опфаќа сите и дека може да се пронајде во секој агол на светот.

Средбата се случи во затворот број 3 на овој град кој до неодамна беше прв во светот по бројот на убиства заради улични војни за дрога.

Околу 700 затвореници се собраа во дворот на затворот каде што Папата напомена дека неговата посета на Мексико се ближи кон крајот, но дека не може да си замине, а да не ги поздрави затвореници и со нив да не го прослави Јубилејот на милосрдието. Светиот Отец рече дека славењето на Светата Година потсетува на „пат по кој треба да појдеме за да го скршиме циклусот на насилство и злосторства.“

Папата истакна дека многу децении се изгубени „размислувајќи и верувајќи дека сè ќе се реши изолирајќи, разделувајќи, затворајќи“ ги луѓето, сметајќи дека „таквата пракса навистина ги решава проблемите.“ Грижата за затворениците е морален императив за целото општество и реинтеграцијата не започнува внатре во затворските ѕидови, туку уште порано надвор на градските улици – рече папата Фрањо.

„Реинтеграцијата или рехабилитацијата започнува со создавање на систем кој би можеле да го наречеме општествено здравје односно општество кое не се обидува да предизвикува болести, не ги загадува односите во соседството, училиштата, плоштадите, улиците, домовите и на целиот општествен спектар. Системот на општествено здравје има тенденција да промовира култура која делува и настојува да ги спречи тие ситуации и патишта кои на крајот го оштетуваат и валкаат општественото ткиво“ – рече Светиот Отец.

Папата им порача на затворениците дека не можат да го поништат она што го направиле, но дека сега треба да научат да ја отворат вратата на иднината и да веруват дека работите можат да се променат. Да се слави Јубилејот на милосрдие со вас значи да ве повикам да ја подигнете главата и да работите за да го стекнете просторот на толку саканата слобода.

Папата Фрањо напомена дека личноста која доживеала најголемо страдање, која „проживеала пекол“ може да стане пророк во општеството. Ги поттикна присутните „општетсвото кое експлоатира и ги отфрла луѓето“ да не предизвикува уште жртви.

Папата исто така се заблагодари на луѓето кои работат во тој центар или слични институции и изрази благодарност за настојувањата на капеланите, посветените луѓе и лаиците кои се посветија на одржување на надежта и евангелието на милосрдието во затворите. „Никогаш не заборавајте“ – рече на крајот Папата – „дека сите вие можете да бидете знаци на срцето на Отецот. Потребни сме едни на други за да продолжиме да одиме напред.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот