Кардинал Пел: Папата Фрањо сака брзи промени во ватиканската економија

Во Ватиканската прес служба на 9 јули се одржа прес конференција на тема „Новата економска слика на Светата Столица“, на која освен членовите на Советот за економија и претседателот на Надзорниот одбор на ИОР позната како Ватиканска банка, говореше кардиналот Џорџ Пел, одговорен во Советот за економија.

Кардиналот Пел најави нови важни зафати со цел, подобро економско и административно управување во Светата Столица и во државата Ватикан. Сите промени имаат добиено подршка на неодамнешните состаноци на Советот за економија на 5 јуни и на Кардиналскиот совет од 1 до 4 јуни, а се одобрени и од Светиот Отец.

Споменатите промени ја опфаќаат АПСА (APSA), односно Управата на имотот на Апостолската Столица, на пензиските фондови, на ватиканските медиуми и на Ватиканската банка. Кардинал Пел изрази задоволство поради тоа што папата Фрањо ја прифати таа важна иницијатива и ја истакна својата лична благодарност до Светиот Отец, како и благодарност до Советот за економија, за неговиот допринос и постојана подршка. Разни се предизвиците и има многу работи кои треба да се направат, рече кардиналот и додаде дека Светиот Отец јасно кажа дека тие промени треба да се реализираат што побрзо.

Кардиналот, исто така, најави формирање на посебно биро за остварување и воведување на предложените промени, почнувајќи од пренесувањето на Оделот за редовно управување АПСА во Секретаријат за економија. Тоа биро директно ќе му одговара на управителот на споменатиот Секретаријат. Во септември, оваа година Секретаријатот за економија ќе почне да го подготвува буџетот за 2015 година. Цел е сите институции и управи да состават буџет што ќе биде издржлив за цела година. За трошоците, што во текот на годината ќе се споредуваат со буџетот, ќе биде одговорна секоја институција и управа поединечно. Секое евентуално надминување ќе биде во надлежност на одредената институција или управа.

Говорејќи за ИОР, кардиналот спомна дека е завршен првиот дел од реформите кој ги води Ернст фон Фрејберг. Преку пристапот кон меѓународните стандарди е остварен голем напредок, а стекнатата транспарентност е видлива во вториот годишен извештај. Раководењето на фон Фрејберг подготви терен за почеток на вториот дел кој ќе го води новиот претседател, Французинот Жан Баптист де Франсу, кој потполно ќе се посвети на таа нова задача. Претседателот фон Фрејберг поради други обврски не е во можност потполно да се посвети на ИОР.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот