„Лав во Рим“: Документарец на Ватиканските медиуми за годините на Папата во Рим

„Лав во Рим“: Документарец на Ватиканските медиуми за годините на Папата во Рим

„Лав во Рим“ е нов документарец на Ватиканските медиуми, кој ги следи речиси двете децении што папата Лав XIV ги поминал во Рим пред неговиот избор на Петровиот престол. Филмот, снимен по повод првата годишнина од неговиот понтификат, ќе се емитува на ватиканските медиумски канали и ќе им биде достапен на медиумските организации по барање.

Нов документарец во продукција на Ватиканските медиуми ги следи речиси двете децении што папата Лав XIV, тогашниот Роберт Франсис Превост, ги поминал во Рим, нудејќи портрет на идниот Папа преку сеќавањата на оние што го познавале за време на неговите години во Вечниот град.

Документарецот, насловен „Лав во Рим“ (Leone a Roma), ги следи чекорите на првиот Папа роден во Америка, од неговото пристигнување во Рим од САД во 1981 година, па сè до неговата служба како генерален приор на Редот на свети Августин, а подоцна и како префект на Дикастеријата за епископи.

Филмот е продуциран по повод првата годишнина од неговиот избор на Петровиот престол, на 8 мај 2025 година, и содржи сведоштва, фотографии и лични сеќавања од пријатели, собраќа, свештеници, монаси, млади луѓе и семејства што го придружувале во различни фази од неговите години во Рим.

Документарецот започнува со сеќавања на оние што првпат го пречекале младиот августински ѓакон во Меѓународниот колегиум „Света Моника“, откако пристигнал од Чикаго во раните осумдесетти години. Нивните сведоштва потсетуваат на моменти на учење и братство, молитва и пасторална активност, како и на секојдневниот живот што студентите го споделувале во Рим.

Во филмот се раскажува и за годините на Превост како генерален приор на августинците, служба што ја извршувал во два последователни мандати, од 2001 до 2013 година. Поранешни соработници и собраќа го опишуваат неговото водство на Редот во години обележани со меѓународни патувања, мисионерски посети и управување со глобално монашко семејство.

Филмот дополнително го истакнува неговиот духовен живот и пасторалната близина преку сведоштва од оние што го сретнале на места на побожност и служба, од часови по катехизам во Чезано до молитва во светилиштето на света Рита во Кашија, гробот на свети Августин во Павија и светилиштето на Богородица од Добриот Совет во Џенацано.

Посебно внимание е посветено и на неговата последна римска служба пред конклавата: двете години што ги поминал во Римската курија како префект на Дикастеријата за епископи, по назначувањето од папата Фрањо, кој подоцна го именува и за кардинал.

Преку овие сведоштва, „Лав во Рим“ настојува да го претстави човекот што ќе стане папа Лав XIV: пријател, пастир и водач, чии години во Рим помогнале во обликувањето на неговата служба во Универзалната Црква.

Документарецот е продуциран од новинарите на „Ватикан Медиа“, Фелипе Херера-Еспалијат, Салваторе Чернуцио и Тицијана Кампиз, а монтажата ја изработиле Хаиме Вискаино Харо и Стефано Анела.

Ова е трет документарец посветен на папата Лав XIV во продукција на Ватиканските медиуми, по „Лав од Перу“, објавен во јуни 2025 година и посветен на неговите мисионерски години во Перу, и „Лав од Чикаго“, објавен во ноември 2025 година, за неговите американски корени.

„Лав во Рим“ ќе се емитува на официјалните канали на Ватиканските медиуми во рамки на годишнината од почетокот на Петровата служба на папата Лав XIV, а на медиумските организации ќе им биде достапен по барање.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот