Папата Фрањо: Сочувствувањето е Божјиот јазик

Папата Фрањо: Сочувствувањето е Божјиот јазик

Сочувствувањето ни помага да ја видиме реалноста каква што е; сочувствувањето е како лупа на срцето, навистина ни помага да сфатиме одредени димензии. Сочувствувањето е Божјиот јазик, додека рамнодушноста често е човечки јазик – рече папата Фрањо на светата Литургија во домот Света Марта.

Отворето го своето срце за сочувствување и не се затворајте се во рамнодушност – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше на 17 септември 2019 година во домот Света Марта. Имено, сочувствувањето нѐ води на патот на вистинската правда, спасувајќи нѐ така од затворањето во себе. Вдахнувајќи се од Евангелието од денешната Литургија кое зборува за средбата на Исус со вдовицата од Наин и за смртта на нејзиниот син единец (Лк 7, 11-17), Папата рече дека евангелистот не вели дека Исус се сочувствувал, туку дека се сожали, а тоа е како да кажал дека е жртва на сочувствување.

Имало многу луѓе кои ја придружувале жената, но Исус ја гледа нејзината реалност – рече Светиот Отец и истакна. Останала сама до крајот на животот, била вдовица, го загубила синот. Имено, токму сочувствувањето помага во суштина да се сфати реалноста. Сочувствувањето ви помага да ја видите реалноста каква што е; сочувствувањето е како лупа на срцето; навистина ни помага да сфатиме одредени димензии. Во евангелијата Исус често е полн со сочувство. Сочувствувањето е Божјиот јазик, но не започнало во Библијата да се појавува со Исус.

Бог бил Тој Кој му рекол на Мојсеј: „Ги видов страдањата на народот Мој“ (2 Мој 3, 7), цитираше Папата и напомена: Божјото сочувствување го испраќа Мојсеј за да го спаси народот. Нашиот Бог е Бог на сочувствувањето, а сочувствувањето е – можеме да кажеме, Божја слабост, но и Негова сила, затоа што заради него ни дава сѐ најдобро. Сочувствувањето го поттикнува да ни го испрати Својот Син. Сочувствувањето е Божјиот јазик. Тоа не е страдање кое го чувствуваме, на пример кога кучето умира на улица.

Сочувствувањето значи да се вклучиме во проблемите на другите, да го вложиме животот таму каде се проблемите. Имено Исус својот живот го става во таа игра и оди таму – рече Папата и продолжи: Во друга прилика Исус им вели на учениците да го нахранат мноштвото кое ги следело додека тие сакале да го отпуштат. Биле мудри. Разгледувајќи го Неговиот одговор: „Дајте им вие да јадат!“, верувам дека во тој момент Исус се налутил во своето срце. Ги повикал учениците да го преземат товарот на луѓето и да не мислат дека после така поминат ден можат да одат во селата и да купат храна.

Евангелието вели дека Господ се сожалил затоа што ги гледа тие луѓе како овци без пастир – рече Светиот Отец и објасни: Затоа од една страна го имаме Исусовиот гест на сочувствување, а од друга себичното однесување на учениците кои бараат решение без компромис, за да не морат да ги извалкаат рацете и изгледаат како да сакаат да кажат луѓето нека се снајдат сами. Ако сочувствувањето е Божјиот јазик, рамнодушноста е често човечкиот јазик. Тоа значи да се погрижиш до одредени граници и да не размислуваш понатаму. Тоа е рамнодушност.

Еден од нашите фотографи во ватиканскиот весник Осерваторе Романо направи фотографија која се наоѓа во Папската милостилница, а која се вика „рамнодушност“ – рече папата Фрањо и додаде: Прикажува госпоѓа која во зимска ноќ пред скап ресторант бара милостина, пружа рака кон друга госпоѓа која од ресторанот излегува убаво облечена и гледа на другата страна. Тоа е рамнодушност. Колку пати гледаме на другата страна? Така ја затвораме вратата на сочувствувањето. Можеме да направиме испит на совеста и да се запрашаме: Гледаме ли обично на другата страна? Дозволуваме ли Светиот Дух да нѐ води по патот на сочувствувањето, што е Божја крепост?

Папата потоа рече дека го трогнал зборот од денешното Евангелие кога Исус ѝ вели на мајката: „Не плачи!“ Тоа е милување кое произлегува од сочувствувањето. Исус го допира ковчегот говорејќи му на момчето да стане. Па, момчето седнало и започнало да зборува. А тој го дава на неговата мајка. Го предаде на неговата мајка. Тоа е чин на правда. Тој израз „го предаде“ се користи во правото. Сочувствувањето нѐ води на патот на вистинската праведност. Секогаш треба да се врати на оние кои имаат одредено право и тоа нѐ спасува од себичноста, рамнодушноста и затвореноста во себе. Да ја продолжиме Евхаристијата со тие мисли како Исус бил обземен од голема сочувствителност. Нека се сожали и над секој од нас затоа што тоа ни е потребно – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот