Бог простува сè, само чека да му се приближиш

Надежта во Божјото милосрдие ги проширува хоризонтите и нè ослободува, а свештеничката строгост го затвора срцето и силно боли – рече Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 14 декември во домот Света Марта.

Осврнувајќи се на првото читање од Книгата Броеви кое зборува за пророкот Валаам кој царот го ангажирал да го проколне Израел, Папата рече дека пророкот имал свои мани, дури и гревови. Сите сме грешници. Но, не плашете се, Бог е поголем од нашите гревови. Пророкот на својот пат го сретнал ангелот Господов и го променил срцето, се преобратил и го опишува она што го видел: „освен пустина гледа плодност, убавина и победа“. Го отоворил срцето се преобратил и гледа далеку, ја гледа вистината бидејќи со добра волја секогаш се гледа вистината која дава надеж – рече папата Фрањо.

Надежта е христијанска крепост која Господ ни ја подарил за да можеме да гледаме понатаму од проблемите, јадовите, тешкотиите; понатаму од своите гревови. Таа ни овозможува да ја видиме убавината Божја – објасни Светиот Отец додавајќи дека Црквата дава надеж односно пророштвото на Црквата сака и во проблемите да бидеме мажи и жени на надежта. Надежта ги проширува хоризонтите, слободна е, не робува, секогаш наоѓа начини да се соочи со проблемите – истакна Папата.

Зборувајќи пак за делот од Евангелието по Матеј кое проповеда како првосвештениците го прашуваат Исус „со каква власт го врши тоа“, Папата рече дека тие немаат хоризонти, затворени се во своите пресметки, робови се на сопствената строгост. Човечките пресметки го затвораат срцето, слободата, а надежта нè прави посветли – рече Светиот Отец.

Колку е убава слободата, великодушноста и надежта на некој црковен маж или некоја жена. Напротив, вкоченетоста на црковните луѓе, свештеничката строгост која нема надеж е многу грда и прави зло. Во ова година на милосрдието има два пата: патот на оние кои се надеваат на Божјото милосрдие и прошка. Вториот пак пат води во сопствено ропство, во сопствена вкочанетост; тоа е патот на оние кои не го познаваат Божјото милосрдие. Такви биле книжниците, учеле, но нивната ученост не спасувала – рече Папата.

Завршувајќи ја проповедта Папата рече дека во исповедалницата некоја баба еднаш му кажала дека Бог простува сè, инаку не би постоел светот. Да се сетиме на поуката на таа осумдесетгодишна старица: Бог простува сè, само чека да му се приближиш – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот