ОН побара од Полска да се либерализира абортусот

Комисијата за правата на децата при Обединетите Нации побара од Полска, во име на човековите права, да ги отстрани ограничувањата за абортус и да ги укине таканаречените „прозорци на животот“, односно местата каде што мајките сигурно можат да го остават своето бебе доколку не сакаат да го задржат.

Полските медиуми реагираа истакнувајќи дека Обединетите Нации немаат никакви овластувања со кои би можеле да ја принудат Полска да ги исполни овие барања.

Како што пренесува LifeSiteNews, Комисијата за права на децата ѝ испратила на полската влада долга нота во која ги нагласува големиот број наводни прекршоци од Конвенцијата за правата на децата. Во неа ја повикува владата да го олесни пристапот до абортус, вклучувајќи го и за малолетните девојки. Но Комисијата не спомнува дека Конвенцијата ги нагласува правата за децата, „поради физичката и менталната незрелост, дека имаат потреба од посебна заштита и грижа, вклучувајќи ја соодветната законска заштита, како пред, така и по раѓањето“.

Наместо тоа, Комисијата повикува да се затворат „прозорците на животот“ во католичките манастири, кои овозможуваат децата анонимно да бидат оставени на грижа на чесните сестри. До сега во манастирите се спасени 77 бебиња, кои инаку би можеле да бидат оставени да умрат. Комисијата на ОН, освен тоа, бара да се промовира контрацепцијата во програмите за сексуално образование во училиштата, а исто така да се промоворираат и „јасните стандади за изедначено и неограниченото интерпретирање на условите за легален абортус“.

Според сегашниот полски закон, абортусот е дозволен само кога е загрозен животот или здравјето на мајката, во случај на силување или кога бебето има вродени деформитети. На малолетниците им е потребна согласноста од родителите, а поттикнувањето на нелегални абортуси е противзаконски.

Бартош Левандовски од Институтот за правна култура рече дека Комисијата при ОН имала идеолошка агенда која, „на било кој начин не е поврзана со заштитата на правата на децата“. Да се повикува на поширок пристап за абортус значи да се релативизира основното право на живот – рече тој, напоменувајќи дека таа иста комисија минатата година го повика Светиот Престол да го промени своето научување во врска со хомосексуалноста.

РВ/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот