Војна става неподнослив товар врз грбот на сиромашните
Папата Фрањо денес во аудиенција ги прими учесниците на средбата која ја организираше Папскиот совет Cor unum за хуманитарната криза во Ирак и Сирија.
Папата Фрањо денес во аудиенција ги прими учесниците на средбата која ја организираше Папскиот совет Cor unum за хуманитарната криза во Ирак и Сирија, нарекувајќи ја една од најтешките хуманитарни драми во последните децении. На милиони итно им е потребна помош – рече – и се принудени да ги напуштаат своите татковини. Либанон, Јордан и Турција денес го носат товарот на милиони бегалци кои великодушно ги примија. Соочени со таквата состојба изгледа дека меѓународната заедница не може да пронајде соодветни решенија додека трговците со оружје продолжуваат да ги остваруваат своите цели: оружје натопено со крвта на невини – предупреди Светиот Отец.
Денес – бидејќи тие ужаси медиумите во живо ги пренесуваат – никој не може да се прави дека не знае. Сите се свесни дека моменталната војна става неподнослив товар врз грбот на сиромашните. Како што рече Папата мораме да пронајдеме решение кое не е насилно, бидејќи насилството само создава нови рани и ново насилство. Затоа Светиот Отец поттикна да се обрати посебно внимание на материјалните и духовните потреби на најслабите и најзагрозените: семејствата, старите луѓе, болните и децата.
Папата Фрањо исто така ја истакна тешката состојба на христијанските заедници во Сирија и Ирак каде што „голем број браќа и сестри се угентувани заради нивната вера, истерани од нивните земји, затворани или дури и убивани.“ Денес се негира легитимноста на христијанското присуство, како и присуството на другите малцинства во името на „насилниот фундаментализам кој тврди дека се заснова на вера“, но Црквата одговара на прогоните храбро сведочејќи го Христос во својата понизност и упорното присуство, со искрен дијалог и великодушно служење на сите кои страдаат или се во потреба – нагласи Папата.
Во Сирија и Ирак злото ги уништува зградите и инфраструктурата, но посебно ја уништува човечката совест. Црквата пак чувствува потреба на злото да одговори со добро, промовирајќи целосен човечки развој. За таа цел католиците се повикани да ја зајакнат соработката меѓу различните цркви, соработувајќи и со хуманитарните организации и со сите луѓе со добра волја. Поттикнувајќи ги собраните на соработка и заедничка работа, Папата рече: Ве молам, немојте да ги напуштите жртвите на ова криза, дури и ако вниманието на светот ослаби. Заедно со вас и со вашите заедници без престан молам за мир и за завршување на страдањата и неправдите во вашите сакани земји. Бог сите вас нека ве благослови– рече на крајот Светиот Отец.
РВ/Д.И.