Папата прогласи Светски молитвен ден за заштита на Созданието

Католиците и православните заедно со молитва за заштита на Созданието. Со писмо до кардиналот Питер Турскен и кардиналот Курт Кох, односно претседателите на Папскиот совет „Правда и мир“ и Папскиот совет за промовирање на христијанското единство.

Со ова писмо папата Фрањо го прогласи Светскиот молитвен ден за заштита на Созданието, кој ќе се слави секоја година на 1 септември.

Папата Фрањо го започнува своето писмо цитирајќи го придонесот на Вселенскиот патријарх на Константинопол, Вартоломеј I и Пергамскиот митрополит Јован Зизулас за енцикликата „Laudato si“. Затоа, овој молитвен ден е последица од енцикликата на Папата.

Папата Фрањо зборува за „занес во грижата за Созданието“, поткрепен од „длабокото духовно христијанско наследство“. Затоа христијаните „сакаат да го дадат свој придонес за надминување на еколошката криза, во која живее човештвото“. Цитирајќи пасуси од енциклика, Папата потсетува дека „духовноста не е одвоена од природата, туку живее во заедница со неа“. Оттука и охрабрувањето на Светиот Отец за вистинско „еколошко преобраќање“ кон што се повикани христијаните, бидејќи „повикот да сме чувари на делото Божјо е суштински дел од добродетелниот живот“. Тоа еколошко преобраќање, пишува Папата, е суштинско за христијанскиот живот, не е второстепено или по желба“.

Од таа перспектива, нагласува Папата, „Молитвениот ден станува за верниците и заедниците непроценлива можност за да се освежи личниот повик на чувари на Созданието, за да се заблагодари на Бог за неговото прекрасно дело доверено на човекот и, пред сè, за да се повика Неговата милосрдност за направените гревови против светот во кој живееме“. Одбележувањето на оваа иницијатива истовремено со Православната Црква, „ќе биде поволна можност да се посведочи зголеменото заедништво меѓу христијаните“.

Писмото завршува со молитва кон Марија, Мајката Божја и свети Фрањо Асишки, чија „Песна на созданијата инспирира бројни мажи и жени со добра волја да живеат, славејќи го Создателот и почитувајќи го Созданието“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот