Патријархот Сако: Ирачаните ја чувствуваат блискоста на Папата
Ја чувствуваме блискоста на Папата и молитвата на христијаните, но потребна ни е меѓународна интервенција за да се совлада тероризмот на т.н. Исламска држава, истакна во разговор за Радио Ватикан калдејскиот патријарх Луис Рафаел Сако.
Тој ја прими меѓународна награда за заштита на малцинствата на 27 јули во Италија, во местото Јелси, недалеку од Кампобасо.
Оваа награда не е за мене ништо лично, туку за сите оние што работат за мирот, за дијалогот, рече патријархот и истакна дека, според него, наградата им е доделена на сите, не само на христијаните, туку и на мислиманите кои посакуваат подобар свет, свет во кој сите можат да живеат во радост и достоинствено.
Говорејќи општо за состојбата во Ирак, посебно за состојбата на христијаните, патријархот рече дека ситуацијата е многу лоша поради војната која предизвикува многу жртви, многу бегалци и разорувања. Што се однесува до христијаните, тие ја плаќаат цената на војната меѓу сунитите и шиитите, но и на војната на Блискиот Исток. Идентитетот на таа Црква е идентитет на една маченичка Црква, кажа патријархот, спомнувајќи ги 120.000 бегалци и истакна дека освен тој факт, насекаде владее и голем психолошки пустош; сите се прашуваат каква ќе биде иднината, дали воопшто и ќе има иднина? А одговорот е страшен, истакна патријархот Сако.
На новинарско прашање што христијаните во светот можат да направат за Ирак, патријархот истакна дека може да помогнат, но она што им е најпотребно е нивното пријателство, солидарност и близина. Молитвата може да прави чуда, да ги промени срцата на тие луѓе. Ирачките христијани ја чувствуваат близината на папата Фрањо но очекуваат и негова пасторална посета. Потребно ни е неговото присуство меѓу нас, за да ни даде сила и многу надеж, и тоа не само на христијаните, туку на сите – истакна калдејскиот католички патријарх Сако.
РВ/В.Н.