Прегратка на Папата за тешко болните деца
Папата Фрањо, во петокот, на 29 мај, во попладневните часови во капелата света Марта се сретна со двадесетмина тешко болни деца, на возраст од 2 – 14 години. Со нив беа нивните родители и волонтери од Италијанската унија за превоз на болните во Лурд и на меѓународните Светилишта (УНИТАЛСИ).
Често пати, како вас, се прашувам: зошто децата страдаат? И нема објаснување; тоа е мистерија, како мистеријата за Исусовото страдање на крстот – им рече Папата на присутните, споредувајќи ја оваа тајна со вистината на Пресветата Троица или со вистинската присутност на Исус во Евхаристијата, која целосно не може да ја разбереме – истакна Светиот Отец.
„Често пати мислам на Пресвета Богородица, кога ѝ го предадоа мртвото тело на нејзиниот Син, целото во рани, исплукано, крваво, валкано. И што направила Пресвета Богородица? Рече: ‘Отргнете го од мене’? Не, го прегрнала, го помилувала“ – рече Папата, додавајќи како во овој момент ни таа немала посакувани одговори.
Кога децата ќе почнат постојано да прашуваат: зошто ова,… а зошто ова… и така натаму, тогаш тие не сакаат да го слушнат објаснувањето, туку да го привлечат погледот на таткото и мајката – смета папата Фрањо. Слично е и со нас, кога го прашуваме Господ зошто децата страдат. Не нѝ го дава одговорот, но го чувствуваме неговиот поглед на нас и тоа ни дава сила. Затоа Светиот Отец ги охрабри родителите да не се плашат да прашат: „Зошто“? Можеби нема да дојде никакво објаснување, но Божјиот татковски поглед ќе им даде сила да одат напред.
Осврнувајќи се на сведоштвото на еден родител, на кого лекарите му советувале да направи абортус, а кој одговорил дека детето има право на живот, папата Фрањо, истакна: „Никогаш не се решава проблемот отфрлувајќи го човекот, никогаш. Така постапуваат мафијашите: ‘Имаме проблем, ќе го отстранеме човекот’… Никогаш“.
Светиот Отец им се заблагодари на присутните за нивната храброст. „Толку пати во животот сум бил кукавица, но вашиот пример ми помогна“ – рече и нивното сведоштво во културата на отфрлување ја нарече „херојско“, а нив „мали херои“. При крајот на искрениот говор, во кој Папата често пати запираше, очигледно погоден од ситуацијата, призна: „Не знам повеќе што да ви кажам, затоа што овие работи толку многу ме погодуваат“.
На крајот од средбата Папата раскажа една приказна за едно дете кое безуспешно се обидувал да помести тежок камен. Кога татко му, кој уште од почетокот го гледал, му помогнал да го тргне каменот, детото го прашал: „Тато, ти ме виде? Зошто не дојде порано?“ „Затоа што не ме повика“ – му одговорил. Не заборавајте да го повикате Господа. Тој знае како и кога да дојде и да биде ваша утеха – им порача Папата на децата и родителите.
РВ/З.А.