Папата ги прими епископите од Бенин

„Помагајте ја средбата меѓу културите и дијалогот со религиите, особено со исламот, без да се откажувате од откровенијата од Господ кој е Вистина“. Ова беше охрабрувањето на папата Фрањо до епископите од Бенин, кои во понеделникот ги прими во аудиенција по повод посетата „Ад Лимина“ во Ватикан.

Познато е дека Бенин е пример за хармонија меѓу присутните религии на својата територија – истакна Светиот Отец. Истовремено треба да бидеме внимателни, имајќи го во предвид актуелниот меѓународен амбиент и да го чуваме ова кревко наследство“. По тој повод, Папата ја изрази својата „особена радост“ од одржаниот, во Ватикан, меѓународен колоквиум за меѓурелигиски дијалог, под раководство на кардиналот Жан – Луиз Туран, кој доби „високата оценка од сите учесници“.

Папата ги охрабри уште епископите од Бенин „смело да одат против струјата“ и да се борат против културата на површното, ширејќи ги “евангелските вредности на прифаќање и средба“. По повод претстојниот јубилеј на милосрдието, Папата потсети дека „милоста не е обична социјална помош, туку „манифестација на нежноста и милосрдието на самиот Исус, кој ја наведнува главата пред раните и слабостите на своите браќа“.

Друг важен предизвик кој го посочи Папата пред епископите, е „воспитувањето на новите генерации“, бидејќи „целокупното формирање, како на човечки така и на духовен план, е важно за иднината на општеството. „Младите луѓе можат да дадат значаен придонес за општеството, особено во солидарноста, правдата и почитувањето на ближниот“, заврши Папата.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот