Папата до новоракоположените свештеници: Не брзајте со светата литургија, не досадувајте во проповедта, бидете милосрдни во светата Исповед

 Не брзајте се на светата Литургија, не држете досадни проповеди, никогаш не одбивајте крштевање на оние кои го бараат, бидете милосрдни и подобро да му се допаднете на Бога отколку на самите себе – тоа се препораки од Папата, кои ги изрече на хомилијата во базиликата Свети Петар.

Овие зборови Светиот Отец ги упати за време на светата Мисата, на која ја подели светата Тајна свештеничко ракополагање на деветнаесет кандидати, во Неделата на „Добриот Пастир“ и на 52. Светски ден на молитва за духовни звања.

Потсетувајќи дека Исус е „единствениот голем свештеник на Новиот завет“, но преку кој целиот народ стана „свештенички“, Папата рече дека Господ сепак избира поединци, со цел во Црквата и во негово име јавно да ја извршуваат вистинската свештеничка служба во корист на сите луѓе, продолжувајќи ја неговата учителска, свештеничка и пастирска мисија. Епископот „ризикува“ и ги избира свештеничките кандидати, „како што и Отецот ризикуваше со секој од нас“ – рече папата Фрањо.

Ова е храна за Божјиот народ: вашите проповеди да не бидат досадни, да допираат до срцата на народот, бидејќи произлегуваат од вашите срца – бидејќи тоа што им го зборувате е она што вие го имате во вашите срца. Така се пренесува Божјото Слово и така вашата поука ќе биде радост и поддршка на Христовите верници. Мирисот на вашиот живот нека биде сведоштво, пример кој изградува – ги поттикна Папата новоракоположените свештеници, предупредувајќи ги дека зборовите се празни без примери; празни идеи кои никогаш не допираат до срцата, туку наспротив прават дури и зло.

Кога служите света Литургија, бидете свесни за она што го правите. Не брзајте се! Сведочете го она што го славите – тоа не е вештачки ритуал – напомена Папата. Додека на крштевањето приклучете ги новите верници во Божјиот народ. Никогаш не одбивајте ги оние кои сакаат да се крстат! Со светата Тајна Исповед опростувајте ги гревовите во име на Христос и на Црквата. „А јас во името на Господ, Исус Христос, и неговата свршеница, светата Црква, ве молам да не се уморувате да бидете милосрдни“ – им рече Папата на новоракоположените свештеници. „Вие седите во исповедалницата да опростувате, а не да осудувате! Имитирајте го Отецот кој никогаш не се уморува да опростува“.

Свесни дека сте избрани меѓу луѓето, извршувјате ја Христовата свештеничка служба во радост и љубов, сакајќи да му се допаднете единствено само на Бога, а не на самите себе. „Грдо е кога свештеникот живее да би му се допаднал на самиот себе… Се прави паун!“ – рече Папата. „Секогаш пред очите имајте го примерот на Добриот Пастир, кој не дојде да Му служат, туку да служи“ и кој „не остана во неговата удобност“, туку излегуваше, ги бараше и ги спасуваше оние кои се изгубиле – рече на крајот од хомилијата папата Фрањо.

РВ/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот