Папата Лав XIV до католикосот Арам I: „Секојдневно се молам за народот на Либан“

Папата Лав XIV до католикосот Арам I: „Секојдневно се молам за народот на Либан“

Неговата Светост Арам I, католикос на Ерменската апостолска црква, Киликиска столица, во понеделник, 18 мај 2026 година, го посети Светиот Отец во Ватикан. Тоа е прва официјална посета на католикосот на папата Лав XIV. Во своето обраќање, папата Лав ја изрази својата секојдневна молитва за народот на Либан и својата „голема загриженост“ за него и за црквите на Блискиот Исток.

Неговата Светост Арам I, католикос на Ерменската апостолска црква, Киликиска столица, го посети папата Лав XIV во Ватикан.

Приватната средба, што ја одбележа првата официјална посета на католикосот на папата Лав XIV, беше проследена со заедничка молитва во капелата „Урбан VIII“ во Апостолската палата.

Јурисдикцијата на Католикосатот на Киликија ги опфаќа Либан, Сирија, Кипар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, регионот на Персискиот Залив, Иран, Грција и Америка. Од 1930 година, седиштето на Католикосатот на Големата куќа на Киликија е во Антелијас, Либан.

За време на утринската средба во Ватикан, папата Лав му се обрати на католикосот за важноста на верата, за заедничките врски меѓу христијаните и за потребата Христовите следбеници заедно да сведочат за единство.

Единството во верата е потребно за обновување на заедништвото

Светиот Отец му изрази благодарност на католикосот на Киликија за неговите напори во негувањето на односите со Католичката црква и за неговата блискост со Римската црква.

Папата му се заблагодари на католикосот Арам I за неговата лична посветеност во промовирањето на теолошкиот дијалог меѓу нивните Цркви, кој, како што потсети, се води од 2003 година во рамките на Заедничката меѓународна комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката црква и Древноисточните православни цркви.

Папата Лав рече дека искрено се надева „дека, и покрај неодамнешните тешкотии, овој дијалог ќе продолжи со обновен интензитет“, истакнувајќи дека „обновувањето на заедништвото меѓу нашите Цркви бара единство во верата“.

„Голема загриженост“ на папата Лав за народот на Либан и за црквите на Блискиот Исток

Папата рече дека присуството на католикосот го потсетува на „саканиот“ Либан, на кој со љубов се сеќава од својата посета минатиот декември.

Папата Лав забележа дека земјата долго време му покажувала на целиот свет дека е можно луѓе од различни култури и религии да живеат заедно како една нација, но изрази жалење што таа и понатаму се соочува со тешки искушенија.

„Во време кога единството и интегритетот на вашата земја повторно се под закана“, рече папата Лав, „нашите Цркви се повикани да ги зајакнат братските врски што ги обединуваат христијаните меѓу себе, како и со нивните браќа и сестри од другите заедници во нивната заедничка татковина“.

„Ваша Светост“, продолжи Светиот Отец, „Ве уверувам во моите секојдневни молитви и големата загриженост што ја чувствувам за народот на Либан и за црквите на Блискиот Исток.“

На крајот, папата Лав XIV изрази благодарност што тој и католикосот, пред празникот Педесетница, ќе можат заедно да се молат за единство, траен мир и за обновување на лицето на земјата.

За време на престојот на католикосот Арам I во Рим, тој ќе ја посети и Дикастеријата за промоција на единство меѓу христијаните, како и други дикастерии на Римската курија. Во вторник католикосот ќе одржи јавно предавање за предизвиците со кои се соочуваат црквите на Блискиот Исток во Папскиот ориентален институт.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот