Папата Фрањо ги одобри статутите за економските тела
Папата Фрањо ги одобри статутите за економските тела на Светиот Престол, вклучувајќи го Советот и Секретаријатот за економија како и Органот на главниот ревизор. Новите статути се објавени во вторник 3 март на италијански јазик на ватиканската интернет страница, а во сила се од 1 март.
Според статутите, трите посебни тела ги надгледуваат сите финансиски движења, книговодителството и постапките кои се поврзани со буџтите во ватиканските Конгрегации и Градот – држава Ватикан. Секретаријатот за економија и Органот за ревизија директно одговараат пред Советот за економија, кој има 15 членови: осум прелати и седум стручни лаици, кои се назначуваат на петогодишен мандат. Задача на Советот е да ги осмисли најдобрите постапки на финансиската управа, во согласност со меѓународните стандарди и социјалната наука на Црквата.
Советот има увид во предвидениот и конечен буџет и треба да ги осмисли препораките кои му се даваат на Светиот Отец на одобрување. Исто така, може да побара и информации од секој ватикански орган и има увид во годишниот извештај на главниот ревизор. Има овластување да врши ревизија на било која институција или тело поврзано со Светиот Престол или со градот Ватикан „во потполна самостојност и независност, во согласност со најдобро признатите меѓународни пракси.
Органот исто така ќе ги истражува и ќе известува за нерегуларните активности во финансиските трансакции, буџетот, книговодството и слично. Тоа вклучува заштита на идентитетот и довербата на оние што пријавуваат за некаква финансиска активност. Секретаријатот за економија соработува со Државниот Секретаријат и ги надгледува сите управни и финансиски активности внатре во Градот – Држава Ватикан.
Освен тоа, Секретаријатот е задолжен за спроведување на предлози и норми на Советот за економија. Секретаријатот ќе им помага на сите ватикански органи и организации во спроведувањето на стандаризираните норми на финансиската и административната управа како и ќе проверува дали се спроведуваат тие норми, со можност за преземање на конкретни мерки, вклучувајќи и административни казни како и правни мерки.
РВ/В.Н.