Кардинал Ердо го претстави документот од синодата – Relatio post disceptationem

За време на утринско заседание на вонредната епископска Синода за семејството во понеделник 13 октомври, најавено е продолжение на започнатиот пат, односно редовната Синода која ќе се одржи од 4 до 25 октомври следната година, на тема: „Повикот и посланието на семејството во Црквата и современиот свет“. После таа најава главниот известувач, кардинал Петер Ердо, го претстави т.н. Relatio post disceptationem, односно извештај на половината од работата на Синодата, во која се оцртани главните прашања за кои се говореше на седниците минатата седмица, а за кои епископите, братските делегати и експертите ќе расправаат оваа недела во помали работни групи.

Кардиналот Ердо прво ја истакна темата за Исусовиот однос кон луѓето, потсетувајќи како Тој, Кој е Вистина, „се овоплоти во човечка кревкост, не за да ја осуди, туку да ја излечи“. Исус поучува дека бракот е нараскинлив, меѓутоа покажа разбирање за оние кои не го достигнуваат тој идеал. Синодалните отци говореа за потребата од препознавање на „семињата на Словото“ кои се и надвор од видливите светотаински граници.

Исто така е истакната потребата од препознавање на позитивни елементи и во природниот, несветотаински брак помеѓу, на пример, две некрстени лица или крстено и некрстено лице. Кардиналот Ердо исто така говореше за потребата од мисионерско преобраќање кое оди подалеку од чиста теорија. Во извештајот е нагласено како Црквата е посебно повикана да ги препознае страдањата на сопружниците кои без своја волја се напуштени и дека децата се вистинските жртви од распадот на семејството.

Понатаму е истакнат предлогот на синодалните отци за поедноставување и забрзување на постапката за прогласување на ништавноста на бракот, како укинување на досега обврзувачкиот втор степен за афирмативни пресуди. Кардиналот Ердо рече дека дијалогот за пасторалните пристапи ќе продолжи на ниво на месни Цркви и ќе се изнесе пред редовната Синода следната година.

Во поглед на лицата со хомосексуални склоности, истакната е потребата од вистинска пасторална грижа и придружба, останувајќи верни на науката за бракот како заедница на маж и жена. Понатаму е речено дека се неприфатливи обидите за наметнување на родна идеологија со условување на финансиска помош. Во случаите каде, со партнерите во истополови врски живеат деца, кажано е дека за „потребите и правата на малите секогаш мора да им се даде предност“.

Во врска со прашањето на отвореноста за живот, истакнато е дека тоа е важен дел од брачната љубов, па синодалните отци ја потврдија пораката од енцикликата на Павле VI, Humanae Vitae, во поглед на достоинството на личноста и неморалноста на контрацепциските средства, потсетувајќи на пречесто непознатите методи на природното планирање на семејството.

Темелен предизвик за семејството денеска без сомнение е воспитувањето, отежнато со тешките и сложени култоролошки состојби на денешното општество – рече кардинал Ердо. Важно е да се подржат родителите во воспитувањето на децата на начин кој ги воведува во полното значење на животот, живеен во светло на Евангелието.

Заклучувајќи го извештајот, кардинал Ердо истакна дека Црквата, наследувајќи го Исусовиот милосрден поглед, треба да ги прати своите најранливи деца, означени со ранета и изгубена љубов.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот