Отец Раниеро Канталамеса во третата предбожиќна проповед: Мирот Христов нека управува со вашите срца

„Мирот Христов нека управува со вашите срца“, тоа е насловот на третата и последна овогодишна предбожиќна проповед која отец Раниеро Канталамеса ја одржа за Папата и Римската курија. По размислувањата за мирот како Божји дар во Исус Христос и мирот како како задача што треба да ја извршиме, преостана уште да се проговори за мирот како плод на Духот, истакна Проповедникот на папскиот дом. За разлика од харизмите, кои се исклучиво дело на Светиот Дух и кои Тој ги доделува по желба, плодовите на Духот се резултат на соработката на милоста и слободата.

Плодовите се, продолжи отец Канталамеса, она што денес го сфаќаме како крепости, ако им дадеме библиска смисла со редовно делување „по Христос“ или „по Духот“. Додека даровите на Духот се разликуваат од личност до личност, плодовите на Духот се исти за сите и сите можат и треба да бидат милосрдни, трпеливи, понизни и така да се има мир. Тој мир, различен од мирот како Божји дар и задача на миротворците, означува стабилна состојба на личност која има постигнато одредено внатрешно помирување.

Внатрешниот мир во црковната традиција бил изразен на Истокот, меѓу пустинските отци во вид на хезихија или смиреност и тишина: исфрлање од мислите на било што, со цел, во нив да остане само Бог. Оваа духовна струја ја изнесе и молитвата на срцето или непрекината молитва со која се стекнува внатрешна смиреност. Западната традиција истиот тој идеал го остварила на друг начин: свети Августин пишува како нашиот мир е во предавањето на Божјата волја без отпор; нешто што ќе биде совршено остварено во небесата. Поради надежта во тој совршен мир, литургијата користи изрази како што се „да почива во мир“ и „во мирот Христов“, објасни отец Канталамеса.

Но мирот во срцето не доаѓа без напор. За да се одржи и зголеми внатрешниот мир, потребно е од момент во момент, посебно на почетокот, да се одлага побуната на телото против духот. Светиот Дух, според свети Павле, не е награда за нашето мртвење, туку она што ги овозможува и ги прави плодни; Тој не стои само на крајот, туку и на почетокот на процесот. Во својата конкретност и реализам како да се оствари мирот на срцето, извонреден е авторот на книгата „Наследувај го Исус“, истакна Проповедникот на папскиот дом.

Модерната духовност, не сакајќи да ги замени традиционалните аскетски средства, става акцент на позитивните начини на зачувување на внатрешниот мир, продолжи отец Канаталамеса, а најевидентен меѓу тие начини е сигурноста дека Бог нѐ сака. Постои опасност дека поради честото повторување на вистините на Божјото Слово се навикнувамае на нив. Божјите зборови се како електрични жици: ако се под напон и ги допреме, не стресува струја. Ако не се под напон или ако имаме изолациски ракавици, можеме да ги допираме колку сакаме, а да не нѐ стресе ништо. Силата на Духот е секогаш на дело, но на нас е да ја примиме во вера и молитва. Така треба да нѐ погоди со нивната силина, примајќи ги зборовите: Мир на луѓето на земјата, на милениците Божји“, истакна отец Канаталамеса.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот