Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог упати порака за хинду празникот Деепавали
Пред бројните дискриминации и насилство кое се случува во целиот свет, денеска е повеќе отколку некогаш потребно да се соединат силите како би се промовирала инклузивна култура со цел праведно и мирно општество – истакнато е во традиционалната порака на Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог упатен по повод хинду празникот Деепавали, кој означува победа на светлото над темнината, доброто над злото, а кој оваа година се слави на 23 октомври.
Вистина е дека глобализацијата отвори бројни нови граници и овозможи нови можности на општествено и политичко поле – истакнато е во пораката – меѓутоа може исто така да се каже дека глобализацијата не ја постигна својата главна цел; имено, не го интегрира локалното население во општата заедница. Уште повеќе, глобализацијата на големо придонесе во тоа бројни народи да го изгубат својот општествено – културен, економски и политички идентитет.
Глобализацијата придонесе поделба на општеството и сѐ поголем релативизам и синкретизам што се однесува на религијата, одредувајќи ја исто така приватизацијата на религијата. Верскиот фундаментализам и етничко, племенскиот и секташко насилство во разни краеви во светот, денес се во голем дел изрази на незадоволство, неизвесност и несигурност меѓу народите, а особено меѓу сиромашните и маргинализираните, кои се исклучени од благодатите на глобализацијата.
Освен тоа – стои во пораката – негативните последици на глобализацијата, како проширениот материјализам и конзумизам, ги направија луѓето егоцентрични, жедни за моќ и рамнодушни кон правата, потребите и страданијата на другите луѓе. Тоа – како што забележа папата Фрањо во пораката за овогодишниот Светски ден на мирот – доведе до глобализација на рамнодушноста која полека нè привикнува на страдање на другиот и нè затвора нас самите во себе.
Таа рамнодушност има за последица „култура на исклучување“, во која на сиромашните, маргинализираните и ранливите им се негирани нивните права, како и можностите и средствата кои им се на располагање на останатите членови на општеството – истакнато е во пораката. Кон нив се однесува како кон неважни, излишни, како да се товар, некорисни, оние кои треба да се искористат или дури да се отфрлат како предмети. Искористувањето на децата и жените, напуштањето на старите лица, болните, инвалидите, раселените и бегалците, како и прогонствата на малцинствата, на разни начини се сигурни показатели на културата на исклучување.
Инклузивната култура на тој начин постанува општ повик и заедничка одговорност која треба итно да се преземе. Станува збор за нацрт кој ги опфаќа сите оние на кои на срце им е преживувањето на човечкото семејство овде, на земјата, а кој треба да биде спроведен и покрај силите кои спроведуваат култура на исклучување – истакнато е во пораката која завршува со апел за обединување на хиндусите и христијаните со следбениците на другите религии и со сите луѓе на добра волја, како би се промовирала инклузивната култура, со цел за праведно и мирно општество.
РВ/С.С.