Едита Мајиќ – с. Едита Марија од Крстот: Од театарот во манастир

Актерката во театарот Едита Мајиќ во мај 2004 година ја напушти глумата и замина во клаузурниот манастир свети Јосиф на сестрите каремеличанки во Авила во Шпанија. За „Средба“, списание за промовирање на монашкиот живот, сестра Едита го опишува своето искуство за духовниот повик и како го препознала Божјиот повик. Благодариме на уредниците, кармеличаните о. Антониј Марија Чирко и о. Винко Мамиќ за можноста разговорот објавен во часописот „Средба“, да биде објавен и за пошироката публика.

Во пресрет на 500 годишнината од раѓањето на света Тереза Авилска (1515 – 1582), научителка на Католичката Црква, која што големото кармеличанско семејство ќе ја слави во 2015 година, обнователите на монашките заедници, кои што на 24 август 1562 година го основала клаузурниот ред на босоногите кармеличанки, ја донесуваме пораката на духовната ќерка на света Тереза, сестра Едита Марија од Крстот кое што и е монашкото име.

Авила многумина го сметат за град на „Песните и светците“ (la ciudad de “Cantos y de Santos”). Опишани се импозантните ѕидини, еден од градовите со најголем број на цркви и можеби е место најмногу означено од златниот век на шпанската духовност (16 век). Спомените на света Тереза од Исус (Авилска) присутни се на секој чекор. Тука Бог ги испишал најубавте страници на својата љубов во нејзиниот живот, но тука и Тереза ги напишала најубавите страници на своите дела кои силно сведочат за Божјото милосрдие кој „единствено доволен“ и е светилник на многумина во духовниот живот. Тука престојувал и свети Иван од Крстот, пријател и соработник на Тереза. Тука пред 450 години започнала обновата на Кармеличанскиот ред основан во манастирот свети Јосиф за кој во едно мистично искуство Господ Исус на света Тереза и рекол дека ќе биде „ѕвезда која ќе искажува големо велелепие“ (Мојот живот 32, 11). Денес Авила ја дели судбината на големата современа криза на христијанската вера во Шпанија и занесот за светец е заменет со културната, историската и туристичка гордост. Меѓутоа, манастирот Свети Јосиф е една оаза која со сјајен спомен љубоморно го чува и сегашниот жар за вистинската страст за Бог. Овде своето свршувачко пријателство со Христос го живеат и кармеличанки од Хрватска: сестра Михаела од Распнатата Љубов, Габриела од Светото Лице ( во март ова година во манастирот во Авила влезе и нивната трета родена сестра, Естера Младинео) и Едита Марија од Крстот, со која имавме можност да поразговараме.

„Едита, веруваш ли Ти во Бог?“ – Никој никогаш тоа не ме прашал!

Слава на Исус и Марија, сестро Едита! Ти благодариме за подготвеноста да го споделиш своето искуство за Бог и за духовниот повик со читателите на нашиот весник. На многумина им беше позната како театарска глумица, а можеби на уште поголем број си и позната заради својата одлука да го напуштиш актерскиот повик и потполно да му се посветиш на Бог со монашки завети и тоа овде во Авила во првиот манастир на обновените кармеличанки, кој го основала света Тереза од Исус. На читателите ќе им биде мило да се запознаат поблиску со твоето сведоштво. Можеш ли за почеток да ни кажеш што воопшто те носеше во животот: за да одиш напред, да откриваш нови работи, да се занимаваш со глума? Што те поттикнуваше во срцетото и те довело до уметничко остварување како актерка?

С. Едита: Од денешна перспектива знам дека тоа што ме носело во животот бил Бог, секогаш тоа било Он. Во секоја ситуација во животот, во секое мое барање бил Он. Неговата присутност била тука и Тој бил со мене и Он ме водел. Но, во тоа време не сум го познавала и не сум знаела дека е присутен. Во срцето чувствував желба за учење, создавање, уметност, убавина, за љубов, вистина, смисла… Сите тие мои патишта всушност биле барање на сето тоа. На крајот, само биле барање на Него, бидејќи во Бог пронајдов одговор на сите тие прашања. Не само на тие кои ги спомнав, туку воопшто на сите постоечки кои некогаш се поставени и кој некогаш некој ги поставил.

Па, тогаш желбата за Бог била анонимна, не си ни била свесна…

С. Едита: Воопшто не сум била свесна, бидејќи воопшто немав поим за Бог, не го познавав. Се сеќавам како мало девојче одев на англиски јазик на унивезитет во Сплит, можеби имав девет години. Едно девојче ме праша: „Едита, веруваш ли ти во Бог?“ Никој никогаш тоа не ме прашал. Не можев да кажам ниту „Да“, ниту „Не“. Реков: „Не знам“. Тоа прашање од тогаш остана засекогаш, а можеби и од порано, но тогаш беше поставено. И можеби надворешно го работев сѐ она што животот ми го донесуваше и што сама си избирав, се обидував во срцето да најдам одговор на тоа прашање: Кој е Бог, постои ли, Кој е Он за мене, Верувам ли јас во Бог? Но, за да веруваш во нешто, тоа мора да го познаваш. А за да познаваш нешто или некој најпрво мора да го сакаш; а за да можеш да го сакаш, најпрво мора да се прими љубов, за да можеме на неа да возвратиме, бидејќи ние не сме создавачи на љубовта. Само Бог е љубов. Многу години подоцна, можеби дваесет, Господ ми ја подари таа своја љубов. Тогаш конечно можев да го запознаам и да го љубам. Благодарна сум му бескрајно за сѐ…

Што те водеше кон доброто во тој период? Со што од тоа време си задоволна? Дали тоа всушност било само барање?

С. Едита: Да, еве ќе ви раскажам еден пример. Одев во средно уметничко училиште. Кај мене секогаш беше така, тоа што силно ме привлекуваше одев кон тоа – дали тоа беше музиката, уметноста, странските јазици, едно време дури тренирав скокови во вода – сите тие беа како некои мои љубови, некоја радост во сето тоа. Меѓутоа, на едно достигнување видов дека нема многу понатаму од сето тоа. Во секоја постигната работа, па и во глумата – радост на првата премиера, радост за првата улога, нешто што ти ќе го направиш, радост затоа што се даваш, некому нешто прекрасно да му даруваш – секогаш тоа ме привлекуваше. Меѓутоа, по една улога, што после тоа? Друга улога. По другата – трета и така до крајот на животот, нема да кажам во недоглед, бидејќи со крајот на животот завршува тој редослед.

Една престава, слика, па друга… Сѐ некако премногу малку

И тоа што сакав да го раскажам е дека кога имав околу 16 години во средното уметничко училиште ние учениците стоевме пред училиштето и разговаравме за тоа што ќе бидеме во иднина, како секој го гледа својот живот. Не знам мене што ми дојде во тој момент, но сосем сериозна реков: „Ако јас гледам дека сето тоа нема смисла, можам да бидам чесна сестра“. Сите почнаа да се смејат, каква глупост сум кажала! Меѓутоа, и јас самата бев изненадена: со која сигурност го кажав тоа, со кое уверување, дека тоа што го зборувам е вистина! Чекај, ова навистина може да биде, но од каде тоа? Животот одеше понатаму по својот тек, за да видам дали има смисла (насмевка), размислувајќи многу за тоа прашање: Што е животот? Вистинскиот живот… Кој сум јас? Од каде доаѓам? Каде одам? Кој сакал да бидам? Сега и овде? Јас сигурно не, бидејќи не се сеќавам за тоа дека некогаш сум сакала да бидам родена. Моето постоење не е плод на моето сакање; а ниту на моите родители… Во што е смислата на моето постоење? Која е причината заради која што навистина вреди да живееш? Ако тоа е само надворешното, овие неколку години ќе ги проживеам угодно според филозофијата „ во сѐ, на сѐ, и под сѐ“, а потоа ќе исчезнам во ништожност, со тело предадено на гозба на црвите во некој темен ладен гроб… Тогаш е подобро воопшто да не постоиш. Не, мора да постои нешто повеќе; нешто навистина вредно за труд; нешто што до крај и засекогаш ќе го угаси копнежот на срцето; нешто што нема да исчезне во неповрат со крајот на овоземското сѐ, нешто апсолутно, неуништливо, вечно. Или тоа би било… Некој?…

Но, како што веќе кажав: една претстава, втора… една слика, втора… Никогаш тоа не успеа да ме исполни до крај. Секогаш по преставата остануваше празнината. Мојата желба да се дарувам за другите, да направам нешто убаво, остана по преставата само на тоа дека се исплатил целиот труд ако барем на еден човек нешто му се допаднало, ако макар еден во душата нешто на добро му се променило… се некако премногу малку. И тогаш куп работи кои се мешаат од страна, куп работи кои сакат да те одвлечат од некои добри настојувања кои се тука едноставно затоа што се во твоето срце, некој таму ги ставил. Меѓутоа, светот, светот во кој живееме се труди да ја загуши во нас секоја искра на светлина. Светот во нас сака да ја загуши секоја искра на светло и добрина, нѐ повикува на себичност, хедонизам, задоволување на нашите страсти, негрижа за другиот, презир кон животот, презир кон сѐ што е добро. Зборувам за светот кој се предал на влијанието на злото, безглаво, глупаво, кутро и патетично и тажно. Зборувам за светот кој се тетрави во пропаст, во вечната пропаст. Зборувам за душите кои ќе умрат по втор пат, за душите кои свесно се откажале од Љубовта во замена за малку поминлива земска радост која не е ниту земска.

Одеднаш сѐ ми стана јасно

Како ти доживеа дека си љубена од Бог?    

С. Едита: Тешко е, всушност невозможно тоа со зборови да се пренесе… Таа средба со Бог на љубовта беше двојна. Може да се каже дека се случи еднаш како блесок, неочекуван дар на Неговата љубов која се влева во твоето битие, апсолутно, жестоко, одеднаш, незадржано и до крај. Меѓутоа сите тие детали за кои зборувам и уште многу, многу од нив, од раѓањето сѐ до тој момент беа Негови повици, навестување на Неговото доаѓање во Неговата љубов која сосема незаслужено даде да ја искусам, запознаам. Тоа беше како оној слепородениот на кој одеднаш му се отворија очите: телесните очи, очите на срцето, очите на душата. Одеднаш сѐ му стана јасно. Сите прашање кои ги поставив беа одговорени. Преку таа средба, преку Божјите зборови, преку светите Литургии на кои одев секојдневно – понекогаш и два пати, три пати дневно во почетокот, иако не ни знаев ниту да одговарам на Литургијата – едноставно Он ме носеше, Он ме повлече со себе. Тој ме вовлече во сѐ. Се чувствував опфатена од Неговата љубов, исполнета. Повеќе ништо не ми беше важно, само да возвратам на тоа што сум го примила. Таа моја желба да се дарувам, која делумно беше на разни начини би се кажало исполнувана, но не… овде сега порасна до неизмерливи размери. Да бидеш дар, дар за Него, дар за другите. Да живееш за Него и за другите. Да умреш за Него и за другите. Да Му дадеш сѐ Нему и на ближниот. Да се дадеш себе си, да заборавиш на себе, да бидеш како Бог, не во смисла на величината и славата туку токму во спротивното: во смисла на добрината, понизноста и неизмерната убов. Тоа единствено може да се постигне ако Он во нас заживее до крај како што вели свети Павле: „Не живеам повеќе јас, туку Христос живее во мене.“

Многумина ја доживуваат средбата со Господ како силен пресврт, преобраќање. Тогаш ги очекува друг пат. Потребно е полека да умираш за светот, телото, злото и да се раѓаш за нов живот, да станеш нов човек.

Што од твоето искуство можеш да им советуваш на оние кои ја доживеале Божјата љубов. Како да растат во неа?

С. Едита: Најважно е да се отвориш на таа Божја љубов, да поверуваш во неа. За некого кој не го познавал Бог, па одеднаш го сретнал, работата може изгледа чудна. По првиот занес, можат да наидат сомнежи во вистинитоста… Треба да се оди напред, никогаш повеќе да не се вратиш на старото.

… Како што во првиот момент и почувствува во душата

Каде е духовниот повик во тој одговор на Божјата љубов, што значи тој?

С. Едита: Духовниот повик секогаш е повик од Бог. Духовниот повик е како и верата, незаслужен дар. Духовниот повик се чувствува во срцето како желба Нему да Му припаѓаш потполно, Нему единствено да Му служиш, Него вечно и совршено да го љубиш, Нему во сѐ да Му угодиш. Духовниот повик се чувствува во срцето како прашање: „Сакаш ли да ме земес за себе?”, како повик до крај да Му поверуваш, во Него да се довериш. За духовниот повик душата нема сила. Духовниот повик е Негово дело, како сѐ во нас. Он сѐ прави. Наше е единствено малото „Да“ или „Не“. Слободата исто така ни е подарена. Секогаш можеме да Му кажеме „Не“, но она душа која навистина ја сретнала Божјата љубов, се осудувам да кажам, невозможно е да каже „Не“ на Божјиот повик.

Како ти го доживеа?

С. Едита: По првата средба со Господ, првите месеци од почетокот на преобраќањето – кој инаку е долготраен процес – во мене се јави мисла и неизмерна желба да бидам монахиња и тоа веднаш кармеличанка. Во молитвата сфаќав дека во животот би можела да останам без сѐ, но апсолутно без сѐ, освен без Бог и без Богородица. Тие се највредното што го имаме. Кога го имаме Бог тогаш имаме сѐ, бидејќи ако нешто постои, постои само затоа што е во Бог. Да не е, не би постоело. Таа желба во мене беше од ден на ден сѐ поголема и поголема и не бев сигурна дали тоа навистина е Божја волја или е само моја фантазија, моја замисла по таа средба со Него. Целата моја ситуација како актерка помалку беше чудна, бидејќи ми се чинеше тешко веројатно дека Бог сака да повика во своја служба некој кој живеел живот толку поинаков од оној кој живее личност посветена на Бог. Главно тие сомнежи ми задаваа најголема мака. Кога верував во сомнежите дека Бог сепак не ме повикува, мојата душа беше неизмерно тажна. Кога верував на мислата дека немам звање, тоа беа најтешките маки. И во моментите кога верував дека постои можноста Бог да ме повикува, се чувствував како во небото. Така тоа траеше, низ молитва, пет години. Со тоа работев во театарот, правев сѐ како до тогаш.

Меѓутоа, од средбата со Господ мојот живот се промени: повеќе не останував во ноќта по театарот, престанаа излегувањата, забавите на разни начини, прекинав со некои навики кои не ми донесуваа никакво добро, се посветив на некои работи кои можеби требаше порано да ги направам. Всушност, поставувањето на мојот живот потполно се промени. Ако глумев, глумев за Исус. Сѐ што правев, правев за Бог. Така и таа работа која повеќе воопшто не ме интересираше, во рамките на тоа дека работев за Бог имаше своја неизмерна вредност, како и сѐ останато бидејќи не е толку важно што се работи, туку тоа да се прави од љубов кон Бог. Во душата некако знаев дека Господ ќе ми даде сигурност дека навистина Он ме повикува, дека таа моја желба не е само моја, туку дека е и Негова. Многу се препорачував на Богородица и свети Јосиф, мојот најдраг светец. Тие ми помагаа во тоа барање на Божјиот одговор. И на крајот, по посебното застапување на Богородица Меѓугорска, Бог ми даде да разберам дека навистина ме повикува во манастир, во Кармел, онака како што во првиот момент почувствував во душата.

Едита Мајиќ (Сплит, 24 јануари 1970), започнала студии по сликарство на Педагошката академија во Сплит, кои ги прекинала, запишувајќи се потоа на студии по глума на Академијата за драмска уметност во Загреб. Првата голема улога ја имала во театарската претстава  „Саломе“, на режисерката од Сплит Нени Делместре. Нејзин матичен театар беше  драмскиот театар „Гавела“ во Загреб. На филмскиот фестивал во Пула наградена е во 1999 година со златната арена за споредната улога даркерката Лили, во филмот „Да бидам морско куче“, на режисерот Огнен Свиличиќ. Наградата од Хрватски театар за најдобра млада актерка ја доби со улогата Ребека во претставата „Горчлива, горчлива месечина. За улогата Сузи Шварц во кабаре Црн Мачек, наградена е на фестивалот за мали сцени во Риека и на Деновите на сатирата во „Каремпух“ во Загреб додека за пет улоги во претставата „Одисеја 2001“ ја доби наградата Фабијан Шовановиќ на фестивалот за актери во Винковци 2002 година. Нејзината последна актерска задача беше синхронизацијата на францускиот еколшки цртан филм „Мојата мала драга планета.“

Крајот на април 2004 година заминува во манастирот Свети Јосиф во шпанскиот град Авила, мал град на илјада метра надморска височина, одделен стотина километри западно од Мадрид, каде што станала монахиња карамеличанка. Манастирската заедница од 16 век е основана од света Тереза Авилска, кармеличанка од Шпанија и мистичарка, реформаторка на монашката заедница и прва жена прогласена за црковна научителка за која се вели дека во мистиката има значање како Тома Аквински во догматиката. Сестра Едита помина шест месеци во постулатура по што облече кафеав монашки хабит и положи привремени завети. Вечните завети на сиромаштво, чистота и послушност односно „брак на душата и Бог“, ги положи во манастирската црква свети Јосиф на 21 октомври 2008 година и четири години по положените први времени завети доби црн монашки вел. Како монахиња сестра Едита го збогатува животот во манастирот и заедницата и со своите таленти: сликање, пеење, компонирање на клавир и гитара.

Лаудато/Д.И.

За авторот