Во Радово прославен патрониот празник Свети пророк Илија

Во Радово прославен патрониот празник Свети пророк Илија

Монсињор Стојанов ги повика верниците да не очајуваат во моментите на замор, туку да дозволат Бог да ги зајакне во верата.

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, по повод патрониот празник на црквата „Свети пророк Илија“ во Радово, во недела 2 август 2026 година, служеше архиерејска Литургија во заедништво со деканот протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, парохот отец Илија Стојанов, протојереј ставрофор отец Георги Трајков, протојереј Димитар Ташев, отец Горги Појразов, отец Трајче Ташев,, отец Ванчо Назов и отец Атанас Сирачев.

На светата Литургија присуствуваа верници од Радово и од други парохиски заедници, како и Сестрите Евхаристинки, предводени од провинцијалната настојателка сестра Бернардина. Во своето обраќање, епископот Стојанов упати честитки до парохот отец Илија, капеланот отец Атанас, свештениците, сестрите и сите верници, особено до оние кои го слават својот именден.

Епископот Стојанов изрази благодарност до сите кои се погрижиле храмот да биде достојно подготвен за празничното богослужение, како и до црковните одборници и сите верници кои со својата пожртвуваност придонесуваат за животот на парохиската заедница. Посебно ги поздрави и верниците кои живеат надвор од татковината или во други места во Македонија, а на овој празник се враќаат на своите родни огништа.

Во проповедта, епископот Стојанов се осврна на ликот на светиот пророк Илија, истакнувајќи дека Светото Писмо не ги крие ниту моментите на слабост кај големите Божји луѓе. По победата над Вааловите свештеници, пророкот Илија останал исцрпен и обесхрабрен, но токму тогаш ја доживеал Божјата близина. „Бог не го укорува човекот за неговата слабост, напротив прво го зајакнува на патот што му претстои“, истакна монсињор Стојанов.

Тој нагласи дека лебот и водата со кои Бог преку ангелот го храни Илија се како предобраз на духовната храна со која Христос и денес го храни својот народ во Светата Евхаристија.

Епископот потсети дека Бог на пророкот Илија не му се открил во силниот ветер, земјотресот или огнот, туку во тивкиот и мирен ветрец. Според него, современиот човек често го бара Бога во вонредни и спектакуларни настани, додека Бог најчесто зборува во тишината на срцето.

Монсињор Стојанов истакна дека совеста е едно од најважните места на Божјиот говор, каде човекот е повикан на преобраќање и нов почеток. Тој ги повика верниците да не очајуваат во моментите на замор и исцрпеност, туку да дозволат Бог да ги зајакне во верата и да ја негуваат внатрешната тишина за да го препознаат Неговиот глас.

На крајот од проповедта, посака светиот пророк Илија да се застапува за парохијата во Радово, за семејствата и за сите верници во татковината и надвор од неа.

Парохот отец Илија Стојанов упати благодарност до сите кои дадоа свој придонес во подготовката на патрониот празник.

По завршувањето на светата Литургија епископот Стојанов го благослови заедничкото агапе, подготвено од црковниот одбор.

к.мк

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот