Папската академија за живот упати меѓународен повик до сите научници, истражувачи и академски работници да преземат конкретни чекори за промовирање мир во светот.
Додека конфликтите продолжуваат низ светот, Папската академија за живот објави повик до научната заедница да преземе конкретни дејства за унапредување на мирот.
„Во овој особен момент од историјата, кога јазикот на оружјето и војната и распламтувањето на насилството добиваат трагично глобално значење, што истовремено ја ограничува и научната работа, научниците и академските работници ширум светот се повикани да заземат став за мир и да се вклучат во барање патишта на помирување и решавање конфликти, почнувајќи од секојдневната практика на своето истражување“, се вели во соопштението објавено во средата, 11 март 2026 година.
Повикот го упатува Папската академија за живот, а е поддржан од Дикастеријата за промовирање интегрален човечки развој и е отворен за научници, истражувачи и академски работници од сите области, без оглед на националност, културна традиција, политичка ориентација или верска припадност.
Промовирање и заштита на човечкиот живот
Во повикот се нудат конкретни насоки, меѓу кои: поттикнување истражувачки проекти што вклучуваат луѓе од различни култури; следење на ризикот научните истражувања да бидат злоупотребени или искористени за несоодветни цели, на пример во воениот сектор; како и препознавање на истражувањето како значајно средство за градење мир.
Академијата нагласи дека овој повик се вклопува во една од нејзините задачи: да промовира интердисциплинарни проучувања на „прашања поврзани со промовирањето и заштитата на човечкиот живот“.
„Водено од стремежот за вистината, научното истражување се темели на строги методологии и напредува преку споделување знаење и подготвеност постојано да се преиспитува“, се истакнува во соопштението.
Академијата ги охрабрува конкуренцијата и дебатата во научната заедница да се темелат на „транспарентна комуникација“ и „надминување на личните интереси“, со цел да се придонесе за заедничкото наследство на знаењето, и тоа „и надвор од националните граници“.
Ватикан њуз/к.мк

