Во Скопје одбележна годишнината од смртта на Кјара Лубик

Во Скопје одбележна годишнината од смртта на Кјара Лубик

Во недела 19 март 2023 година во Спомен куќата Мајка Тереза во Скопје, членовите, симпатизерите и пријателите на Движењето на Фоколарите ја одбележаа 15. годишнината од смртта на основоположничката Кјара Лубик.

Кјара Лубик и Движењето на Фоколарите на средбата беа претставени со видео: „Гледна точка“.

Потоа следуваше кратка презентација на она што Движењето на Фоколарите го прави во Македонија, каде што е присутно веќе 40 години: екуменски и меѓурелигиски средби, средби на семејства и млади.

Во вториот дел од програмата беше претставена првата книга на Кјара Лубик, која официјално излезе на македонски јазик, „Секој миг е дар“.

Книгата ја објави издавачката куќа „Норша Издаваштво“, ја преведе Марија Георгиевска, а предговорот на македонското издание го напиша професор д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот факултет во Скопје.

Книгата ја претставија: протојереј ставрофор отец Марјан Ристов, канцелар на Скопската бискупија и Струмичко-скопската епархија, кој комплетно ја прикажа содржината на книгата, нагласувајќи го посебно духовниот аспект на живеењето на сегашниот момент и неговата есхатолошка димензија. „Доколку мислиме на вечноста, тогаш ќе ја разбереме вистинската смисла на времето и ќе го цениме последниот блесок од нашиот земски живот, бидејќи тогаш навистина ќе се најдеме пред смртта; и тогаш ќе ја разбереме вечноста, која е и вистинската смисла на времето. А овоземското време кое Бог ни го дава е време кога треба да ја градиме нашата куќа, но не овоземската, туку како вели авторката „Рајот е куќа што се гради тука, а во која се живее оттаму!“; истакна о. Марјан Ристов.

Професор д-р Азиз Шеху од гледна точка на муслиман кој ја познава духовноста на Движењето на Фоколарите, бидејќи и самиот учествувал на меѓународни и меѓурелигиски собири во Рим, ја истакна неговата универзална димензија, која ги нагласува вредностите присутни во сите религии. Тој, исто така, наведе неколку примери за важноста да се живее во сегашниот момент меѓу муслиманските мислители и поети.

Драган Георгиевски, издавач на книгата, изрази задоволство што оваа едиција ја продолжува серијата книги со духовна содржина со која нивната издавачка куќа настојува да ја збогати македонската читателска публика: „Неверојатно е чувството за секој издавач кога држи готов производ, (…) подготвен не само да ги исполни желбите и потребите на својата генерација, туку останува да служи како спомен, поука и упатство за генерациите што доаѓаат.“

Госпоѓа Марија Георгиевска прочита неколку размислувања од книгата.

Музичкиот дел на средбата го збогати Дуо Скупи, во состав: Јета Старова Мехмети – флејта и Ермал Мехмети – виолина, чија изведба се состоеше од преработка на стари балкански песни и танцови, во оригинален и модерен звук.

Книга може да се порача и преку маил адреса: uno.mak@t-home.mk.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот