Светиот Престол пристапи кон Конвенцијата за климатски промени и Парискиот договор

Светиот Престол пристапи кон Конвенцијата за климатски промени и Парискиот договор

Светиот Престол поднесе документ за пристапување кон Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени и Парискиот договор. За пристапот на договорите зборуваше кардиналот Пиетро Паролин на состанокот за грижата за заедничкиот дом, а присуствуваа и кардиналот Черни и надбискупот Галагер.

Државниот секретар, кардиналот Пиетро Паролин, најави официјално пристапување на Светиот Престол, во име на државата Ватикан, кон споменатите договори на празникот Свети Фрањо Асишки, 4 октомври.

Државниот секретар во вторник учествуваше на средба организирана од Државниот секретаријат во соработка со Папските академии за науки и општествените науки на тема грижа за заедничкиот дом. Состанокот се одржа во светло на претстојниот состанок на COP27 во ноември.

Како што истакна кардиналот Паролин, со пристапот на Светиот Престол на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени постигнува речиси универзален карактер – 198 земји се потписнички. Постигнувањето на оваа цел е резултат на долг процес на проучување и анализа со Гувернератот и соработка со Дикастерии на Римската Курија, како што беше случајот со подготовката на енцикликата Laudato si’.

Енцикликата на папата Фрањо беше споменувана неколку пати од различни гости, почнувајќи од самиот кардинал Паролин, кој потсети дека документот повикува на соработка на различни нивоа меѓу дисциплини, земји, различни компоненти на меѓународната заедница (држави, организации, локални власти, приватен сектор, научници, граѓанско општество) и пред се меѓу генерациите. Како што рече државниот секретар, кога зборуваме за грижата за нашиот заеднички дом, треба да бидеме загрижени за оние кои ќе го населат светот.

Кардиналот, исто така, ја истакна предвидливоста на Светиот Отец кога ја потврди посветеноста на државата Ватикан да ги намали емисиите на нула пред 2050 година и да промовира едукација за интегрална екологија која може да поттикне нови животни стилови засновани на развој и одржливост, братство и соработка меѓу луѓето и околината.

„Таканаречената социо-еколошка криза е поволен момент за нашето обраќање и за одлуки кои повеќе не можат да се одложуваат“, истакна државниот секретар. Тој додаде дека науката е јасна: „има се помалку време да се ублажат ефектите од климатските промени и да се прилагодат на нив“. Влијанието е значајно и влијае не само на природата, туку и на економијата и општеството.

Присутен беше и кардиналот Мајкл Черни, префект на Дикастеријата за промовирање на целосен човечки развој. „Глобалната ситуација е поочајна отколку пред седум години“, рече тој. „И покрај Парискиот договор, целта за зголемување на температурата од само 1,5°C е практично недостижна; планетата е веќе 1,2°C потопла. Многу нови проекти за фосилни горива се започнуваат непромислено, што е спротивно на повикот на Меѓународната агенција за енергетика“.

Laudato si’, изјави кардиналот Черни, седум години по објавувањето, продолжува да ги вдахновува и води луѓето со добра волја кон сè посеопфатен еколошки пристап. Префектот додаде дека Дикастеријата за промовирање на целосен човечки развој ги поддржува сите напори за поврзување, собирање и споделување на гласовите на граѓанското општество.

Во Градот Ватикан има бројни еколошки проекти за постигнување на целите на енцикликата, кои ги презентираше новоименуваниот претседател на гувернератот, кардиналот Фернандо Вергез Алзага. Меѓу другото, тој зборуваше за процедурите за селектирање на отпадот (органски и специјален отпад, метал, пластика, батерии) во управите и канцелариите, за управување со ресурсите, како и за новите техники за наводнување и залевање за заштеда на вода.

За време на настанот беше прикажано видео изработено од Дикастеријата за промовирање на целосен човечки развој во соработка со Дикастеријата за комуникации, во кое се вклучени сведоштва од пет континенти.

Заклучоците се доверени на надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со држави и меѓународни организации, а воедно и модератор на средбата, кој ги образложи причините поради кои Светиот Престол одлучи да се приклучи кон Рамковната конвенција и Парискиот договор.

Тој најпрво ја истакна доследноста со социјалната наука на Црквата за екологијата, потоа желбата да се „зајакне мултилатерализмот во сегашната критична ситуација“.

„Заедно победуваме или заедно губиме“, рече надбискупот, нагласувајќи дека патот до целите на Парискиот договор е „долг“ и дека треба уште многу да се направи за прашања како што се климата, мигрантите кои немаат меѓународна заштита, пораст на тешки климатски настани и мерките на отпорност.

Тој изрази надеж дека COP27 може да доведе до „ублажување на загубите и штетите, како што бараат многу земји во развој“. „Тоа е прашање на правда и еднаквост што ќе има последици во секоја земја“, рече надбискупот Галагер. „Мораме да ставиме крај на културата на отфрлање која доминира во нашите општества и која е јасно дека е неодржлива.

Министрите од Фиџи, Сенегал и Монако зборуваа преку платформата Зум за време на состанокот отворен од кардиналот Питер Турксон, канцелар на Папските академии за науки и општествените науки и Јоаким фон Браун, претседател на Папската академија за науки.

На состанокот преку интернет беше присутен и Сајмон Стил, извршен секретар на Секретаријатот на ОН за климатски промени, кој се заблагодари на Светиот престол за „храбриот“ чин. Овие чекори се неопходни, рече тој, со цел да се „спроведат трансформативни промени и да се избегне глобална катастрофа“ која „ќе ја промени нашата клима, нашиот свет и нашите животи“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот