Папата Фрањо во салата Павле VI. се сретна со неколку илјади ученици и наставници кои учествуваат на средба посветена на образованието за мир и грижа, организирана од Националната мрежа Школа за мир. Ги поттикна младите да бидат „поети на мирот“ и да сонуваат големи работи, вдахновени од примерот на Мартин Лутер Кинг и Иван XXIII, а ја спомена и енцикликата „Pacem in teris“ која е објавена пред скоро 60 години: „Прочитајте ја и проучувај ја, многу е актуелна“.
Бидете „поети на мирот“, следете го примерот на „Добриот папа“ Иван XXIII. и Мартин Лутер Кинг, и двајца сонувачи, двајца пророци – папата Фрањо ги охрабри околу 6.000 ученици и наставници, учесници на средбата за образование за мир и грижа организирана од Италијанската национална мрежа Школа за мир, со кои се сретна во понеделник 28 ноември 2022 година во салата Павле VI. Аудиенцијата кај Папата е кулминација на низата активности и иницијативи на формација што ќе заврши со Прошетка од Перуџа до Асизи во мај следната година, кога резултатите од работата и предлозите на младите мажи и жени исто така ќе бидат објавени.
Грижа за другите
Имаше бројни сведоштва, кои наизменично се менуваа со моменти на тишина за жртвите од конфликтите и оние кои ги загубија животите во морињата. Имаше многу апели да се отфрли војната и да се промовира мирот. Мир кој се гради со грижа за нашите браќа и сестри – рече папата Фрањо.
Често зборуваме за мир кога се чувствуваме директно загрозени, како во случај на можен нуклеарен напад или војна што се води пред нашиот праг. Исто како што не интересираат правата на мигрантите кога имаме роднина или пријател кој емигрирал. Мирот, всушност, секогаш нè засега! Секогаш се однесува на другиот, брат и сестра, затоа мора да се грижиме за него или неа.
Примерот на Добриот Самарјанин
Како „незаменлив“ модел за грижа, папата Фрањо од Евангелието го издвои Добриот Самарјанин, кој му помогна на ранетиот странец кој беше покрај патот. Не знаеше дали тој несреќник е добар човек или никаквец, дали е богат или сиромашен, образован или неук… Не знаеше дали тој самиот придонел за неговата несреќа или не. Евангелието вели: „Го виде и се смилуваше“; значи не си поставуваше многу прашања, туку имаше сочувство – истакна Папата.
Прочитајте ја енцикликата „Pacem in teris“
Освен Добриот Самарјанин, Светиот Отец издвои уште две личности како сведоци на кои треба да се потпреме. Првиот е Свети Иван XXIII.
Го нарекуваа „Добриот папа“, но и „Папа на мирот“, бидејќи во тие тешки почетоци на шеесетите години од минатиот век, обележани со големи тензии – изградбата на Берлинскиот ѕид, кубанската криза, Студената војна и нуклеарната закана – ја објави познатата и пророчка енциклика „Pacem in teris“. Следната година се навршуваат 60 години откако е објавена, но е многу актуелна!
Папата Иван им се обрати на сите луѓе со добра волја барајќи мирно решение за сите војни преку дијалог и разоружување – истакна папата Фрањо. Тоа беше апел што предизвика големо внимание во светот, многу подалеку од католичката заедница, бидејќи ја долови потребата на целото човештво, која постои и денес. Затоа ве охрабрувам да ја читате и проучувате „Pacem in teris“ и да го следите тој пат за да го зачувате и ширите мирот.
“I have a dream”
Од тие години доаѓа и сведоштвотот на друг пророк на нашето време, Мартин Лутер Кинг, добитник на Нобеловата награда за мир во 1964 година, кој одржа историски говор: „I have a dream“.
Во американски контекст силно карактеризиран со расна дискриминација, тој ги натера сите да сонуваат со идејата за свет на правда, слобода и еднаквост. Тој рече: „Имам сон дека еден ден моите четири мали деца ќе живеат во земја во која никој нема да ги суди според бојата на нивната кожа, туку според достоинството на нивната личност“.
Сонувајте големи работи
Тоа беше желбата на Кинг; а кој е вашиот сон за денешниот и утрешниот свет? – ги праша Папата присутните млади и ги поттикна да сонуваат големи работи, исто како Иван XXIII. и Мартин Лутер Кинг. Истовремено, повторно ги покани да учествуваат на Светскиот ден на млади во Лисабон, во август 2023 година. Оние меѓу вас кои ќе можат да дојдат ќе сретнат многу други млади мажи и жени од целиот свет, сите обединети со братство засновано на верата во Бог, кој е мир, Отецот на Исус Христос и нашиот Отец.
Доколку нема да можете физички да присуствувате, сепак ве повикувам да ја следите и да учествувате, бидејќи сега со денешните средства тоа е можно.
Поети на мирот
На крајот, папата Фрањо на сите им посака убаво да го поминат Адвент; да биде патување со бројни мали гестови на мир, секој ден: гестови на прифаќање, средба, разбирање, близина, простување, служење… Гестови направени од срце. По спомнувањето на поетот Борхес и неговата песна која – како што напиша – никогаш нема да стигне до последниот стих, папата Фрањо посака присутните млади да го прифатат повикот на поетот и да ја продолжат неговата песна и секој од нив да стане „поет на мирот“.
Ватикан њуз/к.мк