Генерална аудиенција: Исус може да се навестува само во културата на сопственото време

Генерална аудиенција: Исус може да се навестува само во културата на сопственото време

На редовната Генерална аудиенција во среда, 29 ноември 2023 година, папата Фрањо одржа катехеза за современото навестување на Евангелието и ги повика христијаните да го исполнат загриженото општество со надеж и радост на Евангелието.

Папата Фрањо на Генералната аудиенција го продолжи циклусот катехези на тема „Страст за евангелизација: верничката апостолска ревност“. Темата на овонеделната, 28-та катехеза од серијалот, беше „Навестувањето денес.“

Затоа што Папата сè уште се опоравува од воспаление на дишните патишта, катехезата ја прочита монс. Филипо Чампанели, службеник на Државниот секретаријат.

Пораката на Папата беше насочена кон современото навестување на Евангелието и сведочење на светот, кој е оптоварен со модерни предизвици.

Култура на поединци и технологија

Речиси секогаш слушаме лоши работи за денешницата, истакна Папата, признавајќи дека во услови на војни, миграции, криза на семејството и надежта, не недостасува причината за загриженост.

На дело е културата на технолошко – индивидуален напредок што го постави поединецот над сѐ, а технологијата во центарот, истакна Папата.

Таквата култура не сака да и се поставуваат граници и покажува рамнодушност кон оние кои заостануваат.

Затоа, нагласи Папата, големите човечки стремежи се предаваат на лакомата логика на економијата и се отфрлаат оние што не произведуваат.

Можеме дури и да кажеме дека сме во првата цивилизација во историјата која на глобално ниво се обидува да го организира човечкото општество без присуство на Бога, рече Папата, додавајќи дека тоа е концентрирано во огромни градови кои остануваат хоризонтални иако имаат облакодери кои се издигнуваат до небото под облаците.

Вавилонска кула

Зборувајќи за денешната култура, Светиот Отец потсети на Вавилонската кула, општествен проект кој ја жртвуваше индивидуалноста заради успешноста на заедницата, па затоа Бог, за да создаде повторно услови за развој на уникатноста, ги помеша јазици.

И денес кохезијата, наместо на братството и мирот, често се заснова на амбиција, на национализам, на стандардизација, на техничко-економски структури кои влеваат верување дека Бог е незначаен и бескорисен, рече Папата. Тој посочи дека целта не е стекнување знаење, туку стекнување моќ, а тоа е напст на денешницата.

Да се евангелизира во стилот на своето време

Како одговор на оваа ситуација, папата Фрањо повика на евангелизација, која е способна да расветли нови начини на однос со Бог, другите и околината, како што е наведено во апостолскиот поттик Evangelii Gaudium.

Тој забележува дека место за евангелизацијата е токму местото каде што се формираат нови парадигми, бидејќи Исус може да се навести само со живеење во културата на сопственото време. Затоа, нема смисла на денешницата да се нудат алтернативни визии од минатото, рече Папата.

Исто така, потсети дека не е доволно само да се повторуваат стекнатите верски убедувања, кои, колку и да се вистинити, со текот на времето стануваат апстрактни.

Вистината не станува поубедлива затоа што некој го крева гласот кога ја кажува, туку затоа што за неа сведочи со животот, рече Светиот Отец и повика да не се повторува истиот стил, туку да се сведочи дека Евангелието е живо, овде и за нас денес.

Не се евангелизира од балконот

Папата ги отфрли идеите дека евангелизацијата е нешто што се прави од далеку, извикувајќи го името на Исус од балкон.

Тоа значи излегување на улиците, одење на местата каде што луѓето живеат, посета на места каде што луѓето страдаат и трпат, места каде што работат, учат и размислуваат, населуваат раскрсници на кои луѓето го споделуваат она што им дава смисла за нивниот живот, рече Папата и ги повика христијаните да не се плашат од дијалог.

Треба да останеме на раскрсниците на денешницата, повика Светиот Отец и додаде: да се напуштат би значело да се осиромаши Евангелието и сведување на Црквата во секта.

Наместо преобраќање на денешниот свет, тој повика на преобразување на пасторалната грижа, за тоа подобро да го воплоти Евангелието за денешницата.

Исусовата желба нека биде наша желба, а тоа е да им помогнеме на нашите сопатници да не ја изгубат желбата за Бога, да ги отворат срцата и да го најдат Единствениот кој денес и секогаш му дава на човекот мир и радост, заклучи Папата

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот