На проповедта на светата Литургија, која папата Фрањо ја служеше во недела 6 јуни 2021 година на празникот Пресвето Тело и Крв Христова во базиликата Свети Петар, истакна дека е потребна жед за Бога, инаку нашите славења се залудни. „Ако нема чудење и воодушевување за Евхаристијата, нема пат што нѐ води до Господ“.
Еве непознат човек, сопственик на куќата, кој му ја позајмува својата најубава соба. Тој го даде она најголемото што го имаше, бидејќи за големата Света Тајна требаше сѐ да биде големо: соба и срце, зборови и гестови – со овие зборови на дон Примо Мацолари, папата Фрањо, во проповедта на Литургија за празникот Пресвето Тело и Крв Христови ја опиша Црквата која е голема сала со отворени врати, во која сите можат да влезат. Таа не е мал и затворен круг, туку заедница со раширени раце, гостопримлива за секого. Таа е заедница во која на Евхаристијата се гледа со чудење и воодушевување; ако не постои такво нешто – предупреди Папата – нема пат што нѐ води до Господ.
Црквата треба да биде голема сала – Папата постојано им повторуваше на верниците во базиликата и на оние што ја следеа светата Литургија преку интернет и ги праша: Кога ќе се приближи некој кој е ранет, кој згрешил, чиј животен пат е поинаков, дали Црквата е голема сала за да го пречека и да го доведе до радоста на средбата со Христос? Евхаристијата сака да ги нахрани оние кои се уморни и гладни на патот, да не го заборавиме тоа – истакна Папата. Црква со совршени и чисти простории е таа која нема место за никого; напротив, Црквата на отворена врата, која слави околу Христос, е голема сала во која сите можат да влезат.
Големата сала, големата трпезарија, е една од сликите од Евангелието за празникот Пресвето Тело и Крв Христови, на која се осврна Папата во својата проповед. Втората слика е човек кој носи стомна со вода. ‘Одете по него’, им рече Исус на двајцата ученици што ги испрати во градот, бидејќи каде и да ги одведе овој човек, таму ќе ја јаде Пасха. На тој начин, непознатиот човек станува водич за учениците, додека стомната со вода е знак на препознавање што – истакна Папата – поттикнува да размислува за жедното човештво, секогаш во потрага по извор на вода што ќе ја задоволи неговата жед и ќе ја освежи. Сите одиме низ животот со стомна во рака; сите ние, сите ние сме жедни за љубов, радост, успешен живот во похуман свет. За таа жед не е потребна вода од световни работи, бидејќи тоа е подлабока жед, која само Бог може да ја задоволи – истакна Папата.
Меѓутоа, за да се слави Евхаристијата, мора да се препознае оваа жед за Бога. Односно треба да бидеме свесни дека не можеме да го сториме тоа сами, туку ни се потребни Храната и Пијалок од вечен живот кои ни помогаат на патот. Денешната трагедија, забележа Папата, е што жедта често е изгасена. Прашањата во врска со Бог изумреа, желбата за Него ослабе, оние кои го бараат Бога стануваат сè поретки. Господ повеќе не е привлечен, затоа што веќе не ја чувствуваме нашата длабока жед – забележа и истакна: Жедта за Бога нè води до олтарот; ако недостасува, нашите прослави стануваат неплодни. Затоа, и како Црква, не може да биде доволно една мала група исти луѓе кои се собираат да ја слават Евхаристијата; треба да одиме во градот, да запознаеме луѓе, да научиме да препознаваме и да ја поттикнеме жедта за Бога и желба за евангелието.
Осврнувајќи се потоа на сликата за големата сала, наместена и веќе подготвена за Пасхалната вечера, Папата рече дека тоа е голема сала за мало парче Леб. Бог изгледа мал како парче леб и затоа е потребно големо срце да го препознаеме, да му се восхитуваме и да го прифатиме. Божјото присуство е толку понизно, скриено, понекогаш невидливо и за да се препознае, потребно е подготвено, будно и гостопримливо срце – рече тој и додаде: Ако, напротив, нашето срце нема голема сала, тоа наликува на магацин каде со жалење чуваме стари работи; ако личи на таван на кое одамна сме го сместиле својот занес и соништата; ако наликува на тесна и темна просторија, затоа што живееме само за нас самите, за своите проблеми и таги, ќе биде невозможно да се препознае тоа тивко и понизно присуство на Бога.
Потребна е голема сала што конкретно значи дека срцето треба да се прошири; да излеземе од малата соба на нашето ‘јас’ и да влеземе во големиот простор на чудење и восхитување. Токму чудењето и воодушевувањето е она што многу ни недостасува – забележа Папата и додаде: Во многу активности што ги правиме за да се сретнеме, да се собереме, да дискутираме заедно за пасторалната работа… Ако нема такво нешто, ако недостасува чудење, восхитување, тогаш нема ниту пат, кој нè води до Господ. Нема да има ниту синода, ништо.
И на крај третата слика – Исус го прекршува лебот. Вистински евхаристиски гест, гест за идентитетот на нашата вера, но истовремено и потресен гест, бидејќи Синот Божји станува јагне и се жртвува за да ни даде живот. Господ никого не прекрши, туку самиот себе се прекршува. Господ е тој, кој не бара жртви, туку се жртвува себеси. Господ е тој, кој не бара ништо, но дава сè – истакна Папата.
Повикани сме да ја живееме таа љубов за да ја славиме Евхаристијата. Зашто, не можете да го прекршувате неделниот Леб, ако срцето ви е затворено за браќата – забележа Папата. Не можете да го јадете тој Леб ако не им дадете леб на гладните. Не можете да го споделите тој Леб ако не ги споделите страдањата на оние на кои им е потребна помош. На крајот на краиштата, само нашата љубов ќе остане од нашите свечени евхаристиски прослави.
Да бидеме Црква со стомна во раката која поттикнува жед и носи вода. Да ги отвориме нашите ширум срцето со љубов, за да бидеме пространа и гостопримлива сала во која сите можат да влезат и да се сретнат со Господа. Да ги прекршиме нашите животи со сочувство и солидарност, за светот преку нас да ја види величината на Божјата љубов – поттикна на крајот Папата.
Ватикан њуз/к.мк