Во организација на Општеството на Сестри Евхаристинки, на 28 април 2018 година, во Католичката парохија „Свети Никола“ во Секирник се одржа средба на млади, на тема „Отец Јосиф: Апостол меѓу македонското население“. На средбата учествуваа млади од повеќе парохии од Апостолскиот егзархат во Македонија.
На почетокот на средбата на учесниците им се обрати с. Максимилијана Пројкова, генерална настојателка на сестрите Евхаристинки, која упати охрабрувачки зборови до младите, истакнувајќи го примерот на о. Јосиф Алоати. Следуваше наговор кој го одржа о. Ѓорѓи Динов парох во парохијата „Св. Никола“, на тема „Отец Јосиф Алоати: Апостол меѓу македонското население.“ Тој посебно се осврна на духовниот повик на о. Јосиф Алоати, за да му служи на Бог, слушајќи го Божјиот глас кој го повикува. Првиот дел од средбата заврши со сведоштвото на с. Јосифа, сестра Евхаристинка, која го сподели со младите, сведочејќи дека не била практичен верник, но како го запознава Бог и открива дека Бог ја повикува да му служи како сестра Евхаристинка.
Младите имаа можност да учествуваат во работилница. Учесниците беа поделени во три групи. Првата група глумеше во „Емисија на телевизија“ во која гостин беше о. Јосиф Алоати, втората група напиша и прочита дел од дневник на о. Јосиф Алоати, а третата група на креативен начин го претстави отец Јосиф Алоати во нашето време, користејќи ги можностите на технологијата. Исто така во, натпреварувачки стил, младите решаваа асоцијации и одговараа на квиз прашања.
По практичниот дел на средбата следуваше Обожавање на Светата Причест исполнето со размислувања, молитва во тишина и песни. Имаше можност и за света Исповед, а средбата заврши со света Литургија која ја предовдеше о. Ѓорѓи Динов.
к.мк