Што е забележано во Светото Писмо за разводот, прељубата и Причеста? Како свети Павле им се обраќа на жените, како на мажите, децата и родителите?
Брачната врска трае до смртта
Свети Павле пушува за неразрешивоста на женидбата во две посланија. Во Посланието до Римјаните вели: „Омажената жена е поврзана преку законот со мажот, додека е тој жив: умре ли мажот, таа се ослободува од законот, кој ја сврзал со мажот. Затоа, ако при жив маж се омажи таа за друг маж, ќе стане прељубница; ако, пак, умре мажот, таа е слободна од Законот, и нема да биде прељубница, кога ќе се омажи за друг човек“ (Рим. 7, 2 – 3). Во првото послание до Коринтјаните тој пишува: „Жената е сврзана преку Законот, додека е жив мажот нејзин; а ако умре мажот нејзин, таа е слободна да се премажи за кого сака, но само во името на Господа“(1Кор. 7, 39).
Овде јасно се зборува дека брачната врска престанува единствено со смртта на еден од брачните партнери. Така, додека брачниот партнер е жив, секој обид за склопување на нов брак може да биде единствено прељуба. Бидејќи со смртта на едниот од брачните партнери престанува брачната врска, оној партнер кој преживеал може легално да склопи друг брак.
За разводот
Во Првото Послание до Коринтјаните свети Павле исто така го пишува и ова: „А на женетите и мажените им заповедам – не јас, туку Господ – жената да не се разделува од мажот, – ако, пак, и се раздели, нека не се премажува, или, пак, да се помири со мажот свој, – а и мажот да не ја остава жената своја“ (1Кор. 7, 10 – 11).
Гледаме дека свети Павле нагласува како неразрешивоста на бракот е заповед Божја, а не негова, т.е. не црковна. Иако сме должни да ги слушаме Божјите и црковните заповеди, меѓу нив постои голема и важна разлика. Божјите заповеди по својата природа се непроменливи и никој не може да ги промени. Црковните заповеди се такви што црковната власт може да ги промени, а може да дозволи и исклучок од некоја од нив. Од Божјите заповеди нема исклучок, таква власт нема ниту Црквата.
Погрешно да не разбереме кога свети Павле зборува за можноста за развод, треба да знаеме дека овде не се зборува за брачната врска, туку за прекинување на заедничкиот живот. За тој прекин на заедничкиот живот мора да постои тешка причина, на пример мажот да ја злоставува жената. Меѓутоа, прекинувањето на заедничкиот живот не значи прекин на брачната врска, а со тоа и можност за склопување на нов брак.
За прељубата и Причеста
Еве уште еден текст за осудата на прељубата во Светото Писмо: „Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло – чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог “ (Евреите 13, 4). Светото Писмо јасно ни вели дека прељубата е смртен грев: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо“ (1Кор. 6, 9 – 10).
Бидејќи прељубата е смртен грев, оној кој што е во таков грев не може да пристапи на света Причест. Ако тоа го направи без претходна исповед, која што секако неопходно мора да вклучува и одлука да се прекине со тој грев, тогаш прави нов тежок грев, грев на светогрдие: „Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема Телото и Крвта на Господа. Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово.“ (1Кор 11, 27 – 29)
Семеен живот – жената
Подетално за брачниот живот свети Павле пишува во Посланието до Ефесјаните. Таму зборува за односот помеѓу мажот и жената како и за односот на децата и родителите. Најпрвин поставува основно начело: „покорувајте му се еден на друг во страв Божји!“ (Ефес. 5, 21) Во оваа послание тој го применува оваа начело на разни односи помеѓу луѓето и нагласува дека во овие различни односи човекот во покорувањето пред луѓето на крајот му се покорува на Бог.
Потоа продолжува за жените, применувајќи го тоа начело на нив: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото. Но, како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сè“ (Ефес. 5, 22 – 24). Исто така, гледаме дека овде почнува со споредба која понатаму се продолжува: односот на жените и мажите се споредува со односот на Црквата и Христос.
Семеен живот – мажот
Обраќајќи им се на мажите, продолжува со истата споредба: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа.“(Ефес. 5, 25) И свети Павле повторно наведува реченица која се наоѓа уште на почетокот на Стариот Завет, како што видовме во првиот дел: „Поради тоа човекот ќе го остави татка си и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат една плот “(Ефес. 5, 31)
Ова потсетување на клучниот факт дека мажот и жената се едно тело има длабоки последици за многу реалности од брачниот живот. Свети Павле пишува: „И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата“ (Ефес. 5, 28 – 29). Во заклучокот на односот помеѓу мажот и жената свети Павле вели: „И така, секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да се бои од мажот свој.“ (Ефес. 5, 33)
Семеен живот – деца
Свети Павле ги потсетува децата на една од десетте Божји заповеди: „Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо. Почитувај ги татка си и мајка си! – тоа е првата заповед со ветување, за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата“ (Ефес. 6, 1 – 3). Зборовите „на Господа“ укажуваат на две работи кои се важни да ги нагласиме.
Прво, послушноста на родителите е, како послушноста на било која законска власт на земјата, всушност продолжение на послушноста кон Бога. Второ, токму затоа родителите, како никој друг од земните власти, нам, не можат да ни заповедат нешто што се противи на Божјата заповед. Заповедите човечки кои би се противеле на Божјите не само што не треба да ги слушаме, туку и не смееме да ги слушаме.
Семеен живот – родители
Потоа свети Павле им се обраќа на родителите, посебно на татковците: „И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов! “ (Ефес. 6, 4) Во оваа кратка реченица може да се откријат повеќе поуки. Најнапред за тоа што не смее да се прави: родителите не смејат да ја злоупотребуваат својата родителска власт и авторитет.
Потоа гледаме повеќе работи кои родителите мора да ги прават. Прво, должни се да ги воспитуваат своите деца. Таа своја должност не можат да ја префрлат на некој друг. Другите луѓе и институциите можат да помогнат во воспитувањето, но воспитувањето првенствено останува должност на родителите. Второ, во воспитувањето треба разумно да се користи строгоста, воспитувањето не може да биде премногу попустливо. Трето, во воспитувањето треба да се служиме со „вразумување Божјо“, т.е. во него треба важна улога да има разумот и верата.
Свето семејство
Описот на односот во семејството кој ни го пренесува свети Павле веќе беше остварен во Светото семејство на Исус, Марија и Јосиф. Со оглед на нивната посебна околност можеби таму пред било кое друго би очекувале посебен исклучок. Но исклучок нема. Исус не е само човек, туку е вистински Бог, а сепак се покорува на родителите, Евангелието јасно ни вели: „им беше послушен“. (Лука 2, 51).
Марија е Богородица, а сепак свети Јосиф е тој кој што го води семејството. Ангелот на Јосиф му ја носи Божја заповед какво име да даде на детето кое ќе се роди (Матеј 1, 21) и Јосиф е тој кој го дава името Исус (Матеј 1, 24). Ангелот на Јосиф му соопштува дека треба семејството да бега во Египет (Матеј 2, 13) и Јосиф тоа го прави (Матеј 2, 14). Јосиф после Иродовата смрт го води Светото семејство од Египет и одлучува да се насели во Назарет во Галилеја, а не во Јудеја (Матеј 2, 21 – 23).
Женидбата и Божјата љубов
Видовме дека во Посланието до Ефесјаните свети Павле постојано и многу блиско ја споредува љубовта на мажот и жената со љубовта на Христос и Црквата. Тој изрично вели: „Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христа и за Црквата.“ (Ефес. 5, 32) Истата споредба продолжува и на повеќе места во последната книга од Светото Писмо, во Книгата Откровение на свети апостол Иван Богослов (погледни пример Откр. 19, 7 и Откр. 21, 9).
Зарем не е прекрасно токму брачната љубов да е она што насоодветно може да се спореди со Божјата љубов кон Црквата и љубовта на Црквата кон Бог? Поради тоа се јавуваат толку многу напади на бракот и семејството, затоа што таа вистина и остварувањето на сликата во човековиот живот не ја поднесува ѓаволот кој е „лажливец и татко на лагата“. (Иван 8, 44).
Жена Врсна/к.мк
Фото: Cordula Weidemann/извор: Pfarrbriefservice.de