Папата до свештениците: Бидете слободни деца Божји

Папата до свештениците: Бидете слободни деца Божји

Ѓаволот секогаш се вовлекува преку џебовите, а кариеризмот е вистинска зараза за Црквата – истакна Папата во говорот до заедницата на Папскиот шпански колегиум „Сан Хозе“, кои ги прими по повод 125-годишнината од основањето на колегиумот.

„Љуби го Господ Бог со целото свое срце, со целата своја душа и со целата своја сила,“ тие се Исусовите зборови на учителите на законот, одговор на прашањето на оној кој се соочува со формацијата, обраќајќи се на Господ: Што сакаш? Што бараш од мене, Господи? – истакна Светиот Отец.

Да се љуби со целото срце, значи да се љуби без резерва и искрено, без лажни интереси, не копнеејќи за успех и кариера. Пасторалната љубов претпоставува стапување во допир со другиот човек, разбирање на другиот, прифаќање и искрено простување. Сами не можеме да растеме во таа љубов. Затоа Бог нѐ повика во заедница, таа љубов да може сите свештеници да ги обедини со посебна врска во служба и братство. Затоа е потребна помошта од Светиот Дух, но и лично заземање. Секогаш е присутен предизвикот да се надмине индивидуализмот и различноста да се доживее како дар, барајќи го единството на свештенството, кое е знак на Божјото присуство во заедницата. Ако свештенството не е единствено, тогаш не го сведочи Божјото присуство, се отстранува од Бог – рече папата Фрањо.

Да љубиме со целата своја душа, значи да бидеме подготвени да го жртвуваме животот; таа подготвеност треба да биде трајна и да го исполнува целото наше битие. Затоа свештеничката формација не може да биде само академска, иако е многу потребна, туку мора да биде целосен процес, кој ги опфаќа сите аспекти на животот. Формацијата служи за раст и за приближување до Бог и браќата. Ве молам, да не се задоволувате со постигнување на академски наслов, туку секогаш бидете ученици, само така може да се оспособи човекот за „расудување кое води до воскресение и живот,“ и кое овозможува свесен и великодушен одговор на Бог и браќата“ – истакна Светиот Отец.

Формацијата има четири основи: академска, духовна, заедничка и апостолска. Сите четири треба да се усвојат, ако недостасува една, тогаш формацијата започнува да накривува, а свештеникот станува фатен – рече Папата, а потоа објасни што значи „да се љуби со цела своја сила.“ Тоа значи дека нашето богатство е таму каде што ни е срцето, дека во малите работи, во своите сигурности и со своите чувства сме способни да кажеме „ДА“ на Господ, или од него да се оддалечиме како богатото момче. Од вас се бара да бидете слободни деца Божји во исправен однос со светот и со земските добра – заврши Папата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот