15 млади се авторите на размислувањата за Крстниот Пат на Колосеумот

15 млади се авторите на размислувањата за Крстниот Пат на Колосеумот

Папата Фрањо сака да ги слушне младите и затоа реши да им довери да ги напишат размислувањата за Крстниот пат на Велики Петок кој се одржува на Римскиот Колосеум.

Координатор на групата составена од 15 млади е проф. Андреја Монда, доцент по религии, новинар и писател. Тоа го објави директорот на Ватиканскиот прес центар Грег Бурке, додавајќи дека со тој избор во годината во која Црквата посебно се посветува на вонредната Синода за младите во октомври, папата Фрањо изрази желба новите генерации да ги препознаваат и да размислуваат за Христовите страдања.

„Кардиналот Џанфранко Раваси, кого долго го познавам, ми се јави по телефон и ми рече дека, оваа година која е посветена на млади луѓе, Папата сака да им ги довери размислувањата за Крстниот Пат. Ова е уште една извонредна идеја на овој Папа. Тие се авторите на размислувањата, а јас бев само координаторот“, рече професорот Монда во интервјуто за телевизискиот канал Tg2000. Во групата се вклучени момчиња и девојки од класичната гимназија „Пило Албертели“ во Рим, како и некои поранешни ученици кои сега се студенти на возраст од 15 до 26 години. Поголемиот дел се момчиња. Јас им ја предложив идејата и тие ја прифатија. Секој си ја избра својата постојка. Ги замолив да замислат дека се во Ерусалим, на тој петок пред две илјади години, да се соживеат со сцените на судењето на Исус, кога бил распнат на крстот и кога паѓа од него. Ги повикав да се загледаат во тие моменти и да му дозволат на срцето да зборува, наместо да пишуваат богословски текстови и да бидат условувани од фактот дека текстовите ќе бидат прочитани пред Папата.“

Во 14.е размислувања и молитви се издвојува различна чувствителност и различни нијанси“, продолжува професорот Монда. Некои ја истакнуваат неправедната пресуда на Исус, скандалот со Крстот и неразбирањето на тоа таинство, други зборуваат за парадоксот на Крстот, кој само во светлината на верата може да се гледа како средство за спасение, а не како апсурд што ја урива смислата за справедливост и за човечност.

Истакнуваат и одделни елементи според кои може да се размислува, како на пример предавството на Исус како најава на Воскресението и како знак на силата на Исус, кој покажува дека смртта го нема последниот збор. Некои ја гледаат во раскинувањето на Исусовата облека современата реалност на мигрантите кои се голи, сè им е одземено, но не го губат своето достоинство.“

Професорот Монда, исто така, ја објаснува пораката на размислувањата напишани од младите: „потребата да бидат придружани во животот, разбрани, не осудувани и сожалувани. Придружувани од тој Христос на Крстниот Пат, Кој се сопнува под тежината на Крстот и страда, напуштен и осамен, но кој многу добро може да ги разбере животите на младите кои се исправени пред светот без индикативни точки.“

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот