Јубилеј на Папската дипломатска служба
Повеќе од 100 папски дипломати од целиот свет оваа недела се собраа во Рим по повод посебните јубилејни настани кои вклучуваат стручни семинари и моменти на духовно размислување заедно со Светиот Отец. Средбата започна на 15 септември 2016 година, а заврши на 17 септември 2016 година.
Темите се актуелни: односот со исламот, родовата идеологија и другите современи предизвици за Црквата. Од 108 Папски дипломатски претставништва во светот, 103 ги водат надбискупи како Папски нунции, а 5 се постојани набљудувачи при меѓународните организирации.
Во четвртокот по почетната света Литургија во базиликата Свети Петар следуваа два семинари во салата на синодата. Во првото излагање проф. Пиеро Кода претседател на Институтот Софија се фокусираше на односот на Папата, црквата и светот денес, додека проф. Робер Гал од Папскиот универзитет Свет Крст зборуваше за односот Книгата Битие и родовата проблематика. Во петокот е одржана и третата конференција за меѓурелигиски дијалог и односите со исламот. Излагач беше кардинал Жан-Луис Туран.
Последниот ден, сабота на учесниците им се придружија некои од 40 пензионирани апостолски нунции, во програма за духовното заедништво почнувајќи со света Литургија на која ќе концелебрираат со папата Фрањо во капелата на домот Света Марта. После тоа следуваше размислување на монс. Перанџело Секуери од Папскиот институт „Иван Павле II“ за бракот и семејството.
РВ/к.мк