Ѓаконско ракополагање во Радово

На светата Архиерејска Литургија во недела 21 јуни 2015 година во парохиската црква „Свети Пророк Илија“ – Радово од рацете на Апостолскиот егзарх во Македонија Н.В.П. д-р Киро Стојанов ѓаконско ракополагање прими досегашниот подѓакон Ванчо Назов. Во сослужение на епископот Стојанов беа голем број свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија, а кандидатот за ѓакон пред епископот Стојанов го предводеше парохот о. д-р Зоран И. Стојанов.

Во својата проповед епископот Стојанов се осврна на ѓаконската служба: „На ѓаконите се полагаат рацете не за свештенство, туку за служење, како тоа го истакнува догматската конституција за Црквата од Вториот Ватикански концил, бр.29. ’Засилени со сакраменталната милост, ѓаконите служат на Божјиот народ во заедништво со владиката и неговите презвитери.’ (…) Ѓаконот се предава на служба на љубовта и неговото управување треба да биде милосрдно и ревносно според примерот на Исус Христос, кој на сите им беше слуга. (…) Христов следбеник е тој кој научил да се троши, не очекувајќи ништо за себе, како што повикува и денешното свето Евангелие. Срцето на оној кој служи во Христово име е скромно и будно. Со милоста стекнатиот авторитет внатре во Црквата никогаш не смее да биде можност за стекнување лична корист, воздигнување на самиот себе или уште полошо, власт над другите“, истакна владиката Стојанов.

На крајот од светата Литургија епископот Стојанов ги освети новите литургиски садови, како и новите клупи во парохиската Црква.

Редакцијата Католици.мк, чиј соработник е новопоставениот ѓакон, му посакува Божји благослов и скоро свештеничко ракополаѓање – На многаја и благаја лета!

к.мк/го*ко

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот