Што им кажа Папата на богопосветените лица во Милано?

Што им кажа Папата на богопосветените лица во Милано?

Во познатата готска миланска катедрала, папата Фрањо се сретна со свештенството и со богопосветените лица од надбискупијата.

Средбата помина во форма на дијалог, Папата ги повика присутните „секогаш да ја избираат периферијата, да ја распалуваат згаснатата и ослабната надеж на едно општество, кое станало бесчувствително за болката на другите.

Прв прашање постави еден свештеник, вознемирен од предизвиците на секуларизацијата и еволуцијата на миланското плуралистичко, мултиетничко, мултирелигиозни и мултикултурно општетсво.

„Како пастири пред нас има еден избор кој не можеме да го избегнеме: да понудиме духовни критериуми за размислување – рече папата Фрањо. Различноста ни нуди едно многу сложено сценарио. Културата на изобилство на која сме подложени, ни предлага еден хоризонт од многу можности, претставувајќи ги сите како валидни и добри. Дали ни се допаѓа или не, тоа е светот во кој сме сместени и нашата обврска како пастири е да им помогнеме на младите, изложени на еден постојан притисок да преминат преку тој свет. Затоа сметам дека е добро да ги научиме да разграничуваат, за да имаат средства и елементи кои ќе им помогнат да го преминат патот на животот без да го загубат Светиот Дух, Кој е во нив. Меѓу мноштвото гласови кои привидно сите имаат право, од суштествена важност е да бидеме способни да го разграничиме и препознаеме она кое нѐ води до Воскресението, до животот, а не до културата на смртта.

Одговарајќи на прашање, поставено од постојан ѓакон за придонесот на богопосветените лица во пазувите на Црквата, Папата рече: „Ѓаконите можат да дадат многу. Во црковниот храм вие може да бидете еден авторитетен глас. Ѓаконот не е половина свештеник. Ѓаконството е специфичен повик, еден семеен повик, што потсетува на служењето како на еден од најкарактеристичните дарови на Божјиот народ. Ѓаконот е чувар на служењето на Црквата: служење на Словото, на олтарот и во корист на сиромашните. Неговата мисија, сила и придонес се состојат во тоа: да ги потсетува сите дека верата, во своите различни манифестации, поседува една суштинска димензија на служење. Служба на Бог и на браќата.“

На крај прашање постави една монахиња, која го праша Папата кои егзистенцијални периферии и средини да ги избираат со нивните ништожни сили, кога денес богопосветените лица се малцинство?

„Не би можел да кажам кон кои периферии да појдете во мисија, затоа што по принцип Светиот Дух ги вдахнува харизмите за перифериите, за најнапуштените делови на земјата. Тоа што Папата може да ви го каже е следното: малку сте, но тоа не е важно. Одете кон перифериите, појдете кон границите, за да се сретнете со Господ и обновете ја почетната мисија. Избирајте периферија, разбудете ги процесите, распалете ја згаснатата и ослабена надеж на општеството кое станало бесчувствително за болката на другите. Одете и однесете го елејот на Христос. Да не заборавиме дека кога Исус е среде народот, тој народ наоѓа радост. Само тоа може да ни ја врати радоста и надежта, само тоа ќе нѐ спаси да живееме во едно поведение на опстанок и помирување. Само тоа ќе го направи плоден нашиот живот и ќе го одржува живо нашето срце. Ставете го Исус таму каде треба да биде: среде својот народ,“ рече Папата.

При излегувањето од миланската катедрала папа Фрањо ја измоли молитвата „Ангел Господов“, пред десетиците илјади граѓани на градот, кои го чекаа на плоштадот пред катедралата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот