Што значи да се биде трпелив во животот и во искушенијата

Што значи да се биде трпелив во животот и во искушенијата

Вдахнат од зборовите од Соборното Послание на свети Јаков апостол „испитувањето на вашата вера создава трпеливост“: на светата Литургија на 12 февруари 2018 година, во домот Света Марта, папата Фрањо праша што значи да се биде трпелив во животот и во искушенијата.

Тоа сигурно не е лесно да се разбере – рече и веднаш го разграничи христијанското трпение од рамнодушноста и ставот на пораз, истакнувајќи го како добродетел на оној кој е на пат, а не на оној кој е неподвижен и затворен.

Кога се тргнува на пат, се случуваат многу работи кои не се секогаш добри – рече Папата и додаде: За трпеливоста како добродетел на патот, многу ми зборува однесувањето на родителите на кои им се родило болно дете со инвалидитет. Трпеливи се родителите кои велат: „Ти благодарам Боже што е живо!“ Цел живот, сѐ до крајот го носат тоа дете со љубов. Не е лесно години и години да се носи болно дете со инвалидитет… Но, радоста што го имаат тоа дете им дава сила да одат понатаму и тоа со трпеливост, не со пораз; таа е добродетелта која се добива кога сме на пат.

Што може да нè научи етимологијата на зборот „трпеливост“ – праша Светиот Отец и одговори: Yначењето на тој збор има во себе смисла за одговорност, затоа што оној кој е трпелив не се откажува од страдањето, туку го поднесува со радост. Трпеливоста значи да се поднесува понатаму, а да не дадеме на другиот да ги носи нашите проблеми и тешкотии: Ние треба да ги поднесуваме тешкотиите, затоа што тие се наши тешкотии и проблеми. Страдаме заради нив? Сигурно! Но ги поднесуваме храбро. Трпеливоста исто така е мудрост да знаеш да дијалогизираш со ограничувањата. Има многу ограничувања во животот кои нетрпеливите не ги сакаат, рамнодушни се кон нив затоа што не знаат со нив да дијалогизираат. Можеби се обземени од некоја фантазија за семоќност или мрзеливост, не знаеме… Ниту тие не знаат.

Трпеливоста за која зборува свети Јаков не е совет за христијаните – објасни папата Фрањо и продолжи: Ако гледаме во историјата на спасението, можеме да ја видеме трпеливоста Божја, која го водела тврдоглавиот народ, секој пат кога ќе направи некој идол или кога ќе залута од една на друга страна. Трпеливост е и тоа што Отецот го има со секој од нас, придружувајќи нè и чекајќи го нашето време. Трпелив е Бог Кој го испрати својот Син за да влезе во трпеливоста, да го прифати своето послание и одлучно да се даде на маката.

Овде мислам на нашите прогонети браќа на Блискиот Исток кој се протерани затоа што се христијани… Тие нè држат за да бидеме христијани. Влегле во трпеливоста како што Господ влезе во трпеливоста – рече на крајот Папата и заврши: Поттикнат од тие мисли можеме денес да се молиме за нашиот народ: Господи подај му на својот народ трпеливост за да може да издржи во искушенијата. Често сме нетрпеливи: кога нешто не оди, се караме… Малку застанете размислете за трпеливоста на Бог Отецот, влезете во трпеливоста како Исус. Таа е убава добродетел, да го молиме за неа Господ – поттикна на крајот Папата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот