Што е потребно за да можам да Го сретнам Господ ?

Што е потребно за да можам да Го сретнам Господ ?

Христијанската вера не е некоја теорија или филозофија , туку средба со Исус – истакна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 28 ноември 2016 година во капелата на домот Света Марта. Папата рече дека за средбата со Исус потребна е будна молитва, делотворна љубов и радосна благодарност.

Средбата со Исус – таа милост ја сакаме во Божиќниот пост. Папата во проповедта говореше за средбата со Господ. Рече дека литургијата во овој период предлага голем број средби со Исус: средба со неговата Мајка, со свети Иван Крстител, со пастирите, со мудреците. Тоа ни говори дека Божиќниот пост е време на одење, дека се оди во пресрет на Господ, дека не е време на статичност – рече Папата.

Треба да се запрашаме: „Како се оди во пресрет на Исус? Што е потребно за да можам Господ да Го сретнам? Како треба срцето да го подготвам за таа средба со Исус? Во молитвата на почетокот на Мисата, литургијата повикува на будност во молитвата, да се биде делотворен во братската љубов, не само да се дава милостиња туку да се поднесуваат досадните луѓе; дома да се поднесуваат децата кога прават галама; мажот или жената кога имаат проблеми или пак свекрвата – рече Светиот Отец продолжувајќи:

Потоа секогаш треба да се прават дела на милосрдието и радосно да Му се благодари на Бог. Така треба да се живее тоа одење, таа желба да го сретнеме Бог. Ако така одиме во пресрет на Господ, тогаш можеме да го сретнеме. Во средбата нѐ очекуваат изненадувања, затоа што Он е Господ на изненадувања. Ниту Господ не стои; јас одам кон него, а Тој кон мене; а кога ќе се сретнеме се изненадувам затоа што гледам дека Тој ме барал, пред јас да започнам Него да го барам – рече Папата.

Големо изненадување е тоа дека Господ прв тргнува во пресрет. Тој прв нѐ бара, секогаш е прв. Тој го започнува одењето за да нѐ најде. Така било и со стотникот. Господ секогаш ни претходни, прв се движи; ние правиме еден чекор, а Тој десет. Секогаш. Не се изморува во изобилството на своите милости, љубовта и нежноста за да нѐ најде. Понекогаш и преку малите работи: ние мислиме дека средбата е нешто величествено, а така мислел и лепрозниот Нееман – рече папата Фрањо додавајќи:

И него го изненадило постапувањето Божјо. Нашиот Бог е полн со изненадувања: нѐ бара, чека, а од нас бара мал чекор со добра волја. Доволна е желбата да го сретнеме, а потоа Тој ќе ни помогне. Господ нѐ придружува во текот на нашиот живот. Често ќе видите како од Него се оддалечуваме, а Он нѐ чека како што таткото го чека блудниот син – рече Папата.

Многу пати гледа дека сака да му се приближиме и Он ни доаѓа во пресрет. Важно е да се сретнеме со Господ. Секогаш силно ми оставаше впечаток тврдењето на папата Бенедикт XVI дека верата не е некоја теорија, филозофија, некоја идеја, туку таа е средба со Исус. Ако не си го сретнал Неговото милосрдие, можеш механички да го изговараш Верувањето, а повторно да немаш вера. Книжниците знаеле сѐ за догматиката, за моралот на тоа време, но немале вера затоа што нивното срце се оддалечило од Господ.

Сакаш да се оддалечиш или сакаш да се сретнеш? Денес ја бараме милоста за средба. О, Боже, Оче наш разбуди во нас желба со добрите дела да одиме во пресрет на Твојот Христос. Дај ни милост да бидеме будни во молитвата, ефикасни во љубовта, радосни во благодарноста. Така ќе го сретнеме Господ и ќе доживееме многу убаво изненадување – заврши Папата.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести, Проповеди

За авторот