Штип: Промовирана книгата од папата Фрањо „Божјото име е Милосрдие“
Во Штип на 03 април 2016 година по Литургијата по повод одбележувањето на парохискиот патронатот Благовест беше претставена книгата од папата Фрањо „Божјото име е милосрдие“.
Промотори беа новинарката и претседателка на Здружението „Радио Марија Македонија“ г-ѓа Катица Трајковска Абјаниќ и скопскиот декан и парох дон Давор Топиќ.
Г-ѓа Трајковска Абјаниќ рече дека голем благослов е на македонски јазик да се чита за суштината на Божјото милосрдие и тоа да се сподели и искомуницира со сите оние од нашето опкружување заинтересирани за смислата на постоењето, за мирот во срцето и за лечењето на духовната ранетост. Таа истакна дека ова е книга која освестувачки влијае врз многу прашања и дилеми во однос на гревот, исповедта и сочуствителноста.
Дон Топиќ потсети дека Католичката црква се наоѓа во Година на милосрдието и изрази радост што на верниците од Штип може да им ја претстави најновата книга од Папата. Тој исто така истакна дека со оваа промоција Папата доаѓа во Штип, сакајќи да им зборува на читателите. „Книгата на папата е резултат од интервјуа кои нѐ воведуваат во тајната на милосрдието. А милосрдието е темел врз кој почива животот на Црквата. Низ целото говорење на Папата се сретнуваме со милосрдната Божја љубов. Милосрдието е пат на кој се сретнуваат Бог и човекот, и токму таа средба ни го отвора срцето за надеж дека засекогаш сме љубени од Бог наспроти нашите слабости.“ Тој на присутните топло им ја препорача оваа книга, низ која човекот ја доживува Божјата прегратка, а искуството што Папата го има во врска со Божјото милосрдие му помага на човекот да се отвори и во неговата животна историја да го вкуси Божјото милосрдие.
На крајот на присутните им се обрати и градоначалниот на Штип г-дин Илчо Захариев кој ја изрази радоста од промоцијата на книгата на папата Фрањо. Рече дека му се допаѓа повикот на Папата во кој вели дека треба да се излезе од парохиите и да се оди во пресрет на оние кои се изгубени и кои во животот не ја гледаат смислата и на нив да им се донесе милосрдието.