Црквата не е универзитет за ’религија’

Ако христијанинот не ја сведочи својата вера, тој е стерилен – заклучи Папата Фрањо во проповедта на утринската Света Литургија во капелата на Домот Света Марта на 6 мај 2014 година. Говорејќи за мачеништвото на светиот Стефан, Папата рече дека Црквата не е универзитет за ’религија’ туку Божји народ кој го следи Исус, бидејќи само така може да биде плодна и мајка – истакна папата Фрањо.

Мачеништвото на свети Стефан е слика на Исусовото мачеништво. Коментирајќи го делот од Делата на светите Апостоли, Папата рече дека Стефан како и Исус наиде на љубоморни управители кои настојувале да го убијат. И него го обвиниле лажни сведоци, а му се судело набрзина. Стефан ги опоменал дека се спротивставуваат на Светиот Дух, а тоа го говорел и Исус – потсети Светиот Отец. Меѓутоа тие луѓе не биле мирни, срцето им било исполнето со омраза. Поради тоа, слушајќи ги зборовите на Стефан, побеснеле. Ѓаволот посеал во нивното срце омраза, а тоа е неговата омраза спрема Христос – истакна Папата.

Таа ѓаволска омраза, која била фокусирана на Исус Христос и неговата мака, сега ја истура на Стефан. Во мачеништвото се гледа борбата помеѓу Господ и ѓаволот. Впрочем, Исус им рече на своите да воскликнуваат од радост кога ги прогонуваат поради Неговото име. Да се биде прогонет, да се биде маченик, да се даде животот за Исус е едно од блаженствата. Поради тоа ѓаволот не ја поднесува ни светоста на Црквата, ни светоста на некоја личност, а ниту мирува. Така направи и со Стефан, а тој, како Исус, умре: опростувајќи – рече Папата.

Зборот мачеништво доаѓа од грчки збор кој значи и сведоштво. Значи можеме да кажеме дека патот на христијанинот е пат на сведоштво; христијанинот оди по Исусовите стапки како би сведочел за Исус, а тоа сведоштво често завршува со мачеништво. Секој вистински христијанин е Христов сведок. Ние не сме некоја ’религија’ на идеи, чиста теологија, убави работи, заповеди. Не, ние сме Народ кој го следи Исус Христос и сведочи – сака да сведочи за Исус Христос, а тоа сведоштво понекогаш завршува со жртва на животот – објасни Папата.

После убиството на Стефан, како што пишуваат Делата на светите Апостоли, изби силно прогонство против Црквата во Ерусалим. Прогонителите се чувствуваа силни, а ѓаволот ги поттикнуваше да ги прогонуваат христијаните кои бегаа во Јудеја и Самарија. Мораа да бегаат од краевите во кои живееја, а каде што пристигнуваа, го носеа Евангелието; го сведочеа Исус Христос и така започна посланието на Црквата. Слушајќи ги прогонетите христијани, многубројни се преобраќаа. Еден црковен отец тоа вака го протолкувал: „Крвта на мачениците е семе за христијаните“. Со своето сведоштво ја проповедуваа верата – рече Папата.

Сведоштво со секојдневниот живот, сведоштво во тешкотиите, сведоштво во прогонот, сведоштво со смрт, секогаш е плодно сведоштво. Црквата е плодна и Мајка кога го сведочи Исус Христос. Напротив, кога се затвора во себе – да го кажеме тоа така – постанува универзитет на ’религија’; со убави идеи, храмови, музеи и многу убави работи, меѓутоа не дава сведоштво и тогаш постанува стерилна. Тоа му се случува и на христијанинот. Ако не сведочи, постанува стерилен, бидејќи не го пренесува животот кој го примил од Исус Христос – истакна Светиот Отец.

Стефан беше полн со Светиот Дух. Чувствуваше дека не може да се сведочи ако Светиот Дух не живее во нас. Во тешките моменти, кога мораме да го избираме вистинскиот пат, кога треба да се спротивставиме на многу работи кои се обидуваат да нè заведат, треба да се молиме на Светиот Дух; Тој нè зајакнува да одиме по патот на сведоштвото – забележа Папата.

Размислувајќи денес за Свети Стефан и народот, за прогонетите христијани, да се запрашаме: какво е моето сведоштво? Дали сум сведок Исусов, или сум само обичен број во некоја секта? Дали сум плоден, бидејќи давам сведоштво или сум стерилен, бидејќи не дозволувам Светиот Дух да ме води напред во мојот христијански повик? – заклучи папата Фрањо.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот