Црквата доби еден нов блажен и седум слуги Божји

Црквата доби еден нов блажен и седум слуги Божји

Конгрегацијата за прогласување на светци објави нови декрети – за свештеникот од Бразил Донисети Таварес и за седум чесни слуги и слугинки Божји меѓу кои двајца лаици: едно момче од Бразил и една Италијанка.

Откако во саботата на 6 април 2019 година, го прими кардинал Анџело Бекиу префект на Конгрегацијата за прогласување на светци, папата Фрањо го одобри објавувањето на декретите кои се однесуваат на еден нов блажен и седум чесни слуги и слугинки Божји. Со признавањето на чудата кои се препишуваат на нивното застапништво, за блажен ќе биде прогласен свештеникот од Бразил Донизети Таварес де Лима.

Отец Донизети, свештеник во народот

Отец Донизети е роден во 1882 година во градот Санта Рита де Касија во бразилската северна држава Баија. Како парох започнувајќи од 1909 година се зазема за евангелизација, тесно поврзувајќи ја со силната општествена димензија затоа што љубовта кон Бог и љубовта кон ближниот – говорел, не можел да се разделат. Така лично учествувал во проблемите на луѓето, а сиромашните и работниците храбро ги заштитувал од моќниците кои го обвинувале дека е комунист. Основал служба за болни, стари лица, деца и мајки во потреба. Сето тоа – како што истакнувал – благодарение на делувањето на Нашата Пресвета Богородица од Апарецида.

Тој ги поддржувал италијанските доселеници кои доаѓале во Бразил во потрага по подобри услови за живот, но кои напротив наидувале на ароганцијата и расизмот на богатите земјопоседници. Брзо се раширил гласот за неговата светост; затоа мноштво ходочасници доаѓале во парохијата за да го примат неговиот благослов. Многумина зборувале дека неговата молитва чудесно ги оздравела. Но, отец Донизети многу брзо ги запрел тие ходочастија предупредувајќи ги сите верници да не ја мешат верата со фанатизмот. Починал на 16 јуни 1961 година, во 80 година од животот.

Силната вера на малиот Нелсон

Со признавањето на херојските крепости, Црквата доби седум нови чесни слуги Божји меѓу кои и двајца лаици: момчето од Бразил Нелсон Сантано (1955 – 1964) и италијанката Гаетана Толомео позната по прекарот „Нуча“ (1936-1997). Малиот Нелсон заради силни болки во надлактицата бил примен во болница каде му бил дијагностициран остеосарком. Своето трпење го живеел со едноставна вера и зборувал дека болката е важна за да се зголеми вистинската љубов. Починал на Бадник во 1964 година на 10 годишна возраст.

Нуча болката ја претворила во благодарност

И Нуча со силна вера го живеела таинството на болката. Заболела од прогресивна парализа, во Исус пронаоѓала сила за ширење на храброст и надеж, а на сите оние кои ја посетувале им подарувала насмевка. Била принудена на неподвижност цели 60 години, своето страдање го претворила во молитва.

Му зборувала на Исус: „Нека Твојата сила на љубовта Господи ми даде да пеам за Твојата милост, нека мојот крик се претвори во вечна радост, во химна на животот, нека ја победи смртта и биде порака на надеж за голем број тажни души (…) Ти благодарам Господи, за дарот на животот… Ти благодарам Исусе што мојот плач го претвори во радост… Ти благодарам за сè, добар и милосрден Оче! Ти благодарам, Те благословувам и Ти благодарам за секој примен гест на љубовта, а најмногу за поднесената жртва. Посебно сакам да Ти се заблагодарам за дарот на неподвижност кој за мене беше вистинско училиште на препуштање, понизност, трпение и благодарност, а за пријателите мојата Гетсиманија беше вежба на љубовта и на сите други добродетели – говорела Нуча.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот