Папата Лав XIV се сретна со учесниците на Меѓународната конференција на движењето „Исусова младина“ и ги пофали нивните напори за вклучување на младите во животот на Црквата, помагајќи им да ја откријат Христовата љубов.
Папата Лав XIV во сабота, 24 октомври 2026 година, ги прими на аудиенција учесниците на Меѓународната конференција на движењето „Исусова младина“, што беше прва средба на ова црковно здружение со Петровиот наследникот.
Во своето обраќање Папата изрази благодарност за „оваа посебна средба“, која се одржува 40 години по основањето на движењето во Керала, Индија.
Во изминатите три години членовите на „Исусова младина“ поминаа низ долг процес на консултации во синодален дух за да го определат понатамошниот пат на движењето.
Во петок, 23 октомври, Дикастеријата за лаици, семејство и живот официјално ги одобри ревидираните статути на движењето, десет години откако Светиот Престол во мај 2016 година го призна како меѓународно здружение на верници.
Папата Лав потсети дека „Исусова младина“ произлегла од спонтаната иницијатива на млади луѓе во Индија, во рамките на Католичката харизматска обнова.
„Почетната точка на секоја автентична обнова во Црквата е личното откривање на Исусовата љубов“, рече Папата.
Членовите на различните молитвени групи, објасни тој, почувствувале потреба да се обединат за својот ентузијазам и иницијативи да ги насочат кон нешто што ќе може да го поддржува и води новиот духовен и мисионерски поттик што го искусиле.
Како што движењето созрева на својот црковен пат, додаде Папата, неговите членови се повикани да прифатат нови предизвици и да донесуваат нови плодови.
Папата Лав се осврна и на многубројните млади кои станале радосни сведоци на верата, посебно споменувајќи ја Аџна Џорџ, која во својата болест и искушенија наоѓала сила во љубовта кон Исус присутен во Евхаристијата.
„Не губете ја вашата апостолска ревност, туку негувајте ја и носете ја во нови земји“, рече Папата. „Сето тоа е можно само ако вашиот поглед остане насочен кон Исус Христос.“
Папата истакна дека „Исусова младина“ е присутна во многу средини каде што христијаните се малцинство и нагласи дека нивното сведоштво може да им помогне на другите да го исполнат длабокиот копнеж за откривање на Христовата љубов.
Тој го повика движењето да им помага на младите да го откријат својот животен повик, без разлика дали станува збор за брак, свештенство или богопосветен живот.
„Младите треба да знаат дека нивните животи се прекрасни затоа што се дел од поголемиот Божји план“, рече папата Лав.
На крајот, Папата ги охрабри членовите на „Исусова младина“ да ја зачуваат својата „младешка свежина и ентузијазам за верата“, истовремено трпеливо надминувајќи ги тешкотиите што можат да произлезат од обредните разлики.
„Настојувајте да го зачувате вашето единство, особено среде големата разновидност на општествени средини, култури и јазици што го одликуваат вашето движење“, порача папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

