Рим ќе биде домаќин на илјадници дигитални мисионери на историскиот собир на молитва, формација и заедништво, кој ќе се одржи на 28 и 29 јули 2025 година.
Првпат во историјата, Католичката Црква ќе одбележи јубилејна прославаа во рамките на Светата година, посветена исклучиво на дигиталните мисионери и католичките инфлуенсери, со што официјално го признава дигиталниот простор како вистинско поле за мисија. Овој собир ќе се одржи во Рим на 28 и 29 јули 2025 година, во првите денови од Јубилејот на млади. Многумина млади кои преку социјалните мрежи го навестуваат Евангелието ќе бидат активно вклучени во двете прослави.
Оваа иницијатива, организирана од Дикастеријата за комуникации, ќе обедини околу илјада дигитални мисионери од целиот свет, со големо присуство од Латинска Америка, Карибите и Шпанија. Овие евангелизатори ја пренесуваат радоста на Евангелието преку социјалните медиуми, видео платформи, блогови и мобилни апликации, нудејќи креативно христијанско присуство во „дигиталниот континент“.
За оние кои нема да можат да допатуваат во Вечниот град, ќе бидат понудени паралелни виртуелни настани, со можност за пријава преку официјална веб-страница, овозможувајќи им и на други да учествуваат од своите локални мисиски средини.
Иако рокот за физичка пријава е завршен, заинтересираните и понатаму можат да се приклучат преку интернет. Двете главни формациски сесии на Јубилејот ќе бидат пренесувани во живо преку YouTube каналот La Iglesia Te Escucha („Црквата те слуша“).
Оваа иницијатива произлезе како одговор на повикот на папата Фрањо за време на Синодата за синодалност (2021–2024), кој ја нагласи важноста од присуство на Радосната вест во дигиталниот свет и потребата никој да не биде исклучен од синодалниот пат. Таа е жив израз на мисионерска Црква, која излегува во пресрет на егзистенцијалните периферии на современото општество.
Духовност, формација, прослава
Програмата на Јубилејот е структурирана во три основни фази. Духовната димензија е поврзана со ходочестие низ Светата Врата — карактеристика на секоја Света година, како знак на внатрешна обнова и отвореност за Божјата благодат.
Потоа следува формацискиот дел, со главни предавања, работилници и сведоштва во салата Auditorium Conciliazione. Овие сесии имаат за цел да понудат пасторални алатки за дигиталната мисија и да создадат простор за заедничко размислување.
Завршната фаза ќе биде свечена прослава: фестивал на плоштадот Piazza Risorgimento, кој ќе ја истакне уметноста, музиката и креативноста како живи јазици на евангелизацијата и заедништвото во дигиталната средина. Двете локации се недалеку од плоштадот Свети Петар.
Евангелизација на милосрдие во дигиталниот простор
Овој Јубилеј е одговор на повикот на папата Фрањо да бидеме „добри Самарјани“ во дигиталниот свет. Светиот Отец постојано ги повикува верниците да бидат присутни на интернет-просторот со човечност, близина и милосрдие — не само технички, туку пред сè на пасторален начин, со дух на надеж. Тој секогаш ја истакнуваше потребата за комуникација која слуша, која им дава глас на оние што немаат, и која ги разоружува зборовите исполнети со поделба и непријателство — тема која ја истакна и папата Лав XIV при неговата прва средба со медиумските работници.
Јубилејот се надоврзува и на првиот глобален собир на дигитални евангелизатори што се одржа за време на Светскиот ден на млади во Лисабон во 2023 година. Тој настан создаде меѓународна мрежа на мисионери, која сега се зацврстува и упатува кон иднината преку оваа јубилејна прослава.
Во наредните денови, на официјалната веб-страница на Јубилејот ќе биде објавен и духовен водич за подготовка на учесниците. Веќе се достапни и промотивни материјали и визуелни ресурси за поттикнување и поддршка на мисионерското дело, како во Рим, така и на „дигиталните периферии“.
Химна што ги обединува гласовите и културите
Меѓу врвните моменти од подготовките е и објавувањето на официјалната химна на Јубилејот, со наслов Todos („Сите“). Оваа песна е заеднички проект на католички уметници од различни земји.
Насловот Todos (шп. „Сите“) го одекнува силниот повик на папата Фрањо од Светскиот ден на млади во Лисабон, на 3 август 2023: „Во Црквата има место за сите, сите, сите!“ Химната ја изразува вклученоста, синодалноста и мисионерскиот дух кој го поттикнува овој Јубилеј.
Ватикан њуз/к.мк