Црквата во Јужна Кореја е жива: Во Сеул се ракоположени вкупно 41 нови свештеници и ѓакони
Околу 1,5 милиони католици живеат во надбискупијата Сеул, што значи дека сочинуваат околу 15% од вкупното население во областа.
Февруари започна многу добро за Католичката црква во Јужна Кореја, во чиј главен град беа ракоположени 25 ѓакони и 16 свештеници за време на две свети Литургии.
Како што соопштија од надбискупијата, светите Литургии се одржаа на 1 и 2 февруари. На првата света Литургија беа ракоположени нови ѓакони, а ден подоцна беа ракоположени 16 нови свештеници. Со ова, бројот на клерот во надбискупијата се искачи на 985.
Околу 1,5 милиони католици живеат во надбискупијата Сеул, што значи дека тие сочинуваат околу 15% од вкупното население во областа. Гледајќи ја Јужна Кореја како целина, процентот на католици според избирачкиот список од 2015 година е 7,9%, што значи дека има нешто повеќе од четири милиони.
Од надбискупијата соопштија дека традиционалните и свечени церемонии на ракополагање „ја истакнале постојаната посветеност на надбискупијата за негување на живо свештеничко братство посветено на духовното служење“.
Свештеничкото ракополагање се одржа под мотото: „Непорочноста и правдата нека ме учат, зашто на Тебе се надевам, Господи“, што е стих од Псалм 24,21. Мотото го избраа неојереите после разговори и размислувања. Тие открија дека овој слоган најдобро го сумира „длабокиот етос на нивното звање“, кој го нагласува „стремежот кон морална исправност и непоколебливата посветеност во соочувањето со животните предизвици“.
Коментирајќи го мотото, еден од неојереите, дон Џејсон-Томас Хванг, рече:
„Можеби има моменти кога талкам и се колебам заради внатрешните и надворешните искушенија и напасти додека живеам како свештеник, инструмент Божји, но го избрав ова мото со желба да ги надминам овие тешкотии со „интегритет и чесност“ и да можам да застанам пред Бога во последниот ден како праведен свештеник кој наликува на Исус“.
Да потсетиме, Сеул ќе биде домаќин на следниот Светски ден на младите, кој ќе се одржи во 2027 година, а за успехот на локалната Католичка црква говори и тоа што, според истражувањето спроведено во 2023 година, Католичката црква и верниците католици уживаат најголема доверба кај граѓаните на Јужна Кореја.
Ватикан њуз/к.мк