Црквата во Македонија дел од молитвената иницијатива „Милион деца молат за мир“

Црквата во Македонија дел од молитвената иницијатива „Милион деца молат за мир“

Папската фондација Church in Aid ја внесе Црквата во Македонија во мапата каде се прикажуваат местата во светот каде ќе се одржува меѓународната молитвена иницијатива насловена „Милион деца молат Света Бројница“.

На тој начин Црквата во Македонија е дел од оваа голема молитвена иницијатива, на која досега се пријавени скоро 170.000 деца од целиот свет. Бројката се очекува во наредните денови да биде значително зголемена и да достигне над половина милон, а од Македонија ќе молат околу 60 деца.

Со благослов на Н.В.П. монс. Киро Стојанов, во понеделник 18 октомври 2021 година во 18.00 часот пред статуата на Богородица во дворот на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица преку молење на Света Бројница со деца Католичките парохии во Македонија се приклучуваат во оваа меѓународната молитвена иницијатива. Организатори се Радио Марија Македонија и Католичките парохии во Македонија. Молитвата ќе се одвива според здравствените протоколи, а ќе се пренесува и преку брановите на Радио Марија, како и на интернет страницата www.radiomarija.mk.

Свети Падре Пио во една прилика има кажано: „Кога милион деца заедно ќе молат Бројаница, светот ќе се промени!“ Во ова промена треба да веруваме и денес, а силен поттик за тоа ни нуди Папската фондација „Помош на Црквата во неволја“ преку молитвената кампања „Милион деца молат Бројаница.“

Кампањата за Бројаница со деца е започната во 2005 година во Караказ – главниот град на Венецуела. Додека неколку деца молеле Бројаница во светилиштето покрај улицата, некои од присутните луѓе се потсетиле токму на зборовите на свети Падре Пио и молитвената акција брзо се раширила по целиот свет. Фондацијата „Помош на Црквата во неволја“ (Aid to the Church in Need – ACN; Kirche in Not) ја поддржува од 2008 година, а организацијата на светската кампања ја преземаа пред три години. Ова година „детскиот молитвен маратон“ односно „Милион деца молат Бројаница“ ќе се одржи на 18 октомври.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот