Цветници во Скопје
На 13 април 2014 година во Скопската катедрала Пресвето Срце Исусово, на Цветници – Недела на Маката Господова, свеченото Евхаристиско славење го предводеше Скопскиот епископ и Апостолски егзарх во Македонија монс. др. Киро Стојанов, во сослужение на генералниот викар, монс. Антун Циримотиќ, како и скопскиот парох, дон Давор Топиќ.
На почетокот од Евхристиското славење бискупот Стојанов ги благослови маслиновите гранчиња и по читањето на Евангелието, кое зборува за влегувањето на Исус во Ерусалим, насобраната заедница, во процесија предводена од епископот Стојонов се упати на свечен опход околу катедралата пеејќи литургиски песни.
По враќањето во катедралата продолжено е Мисното славење со молитва, по што следуваше Служба на Словото, а „Маката на нашиот Господ Исус Христос“ ја пееја Бојан Палиќ и Антонио Јаковски, како и останатите членови на катедралниот хор.
Во кратката пригодна проповед епископот Стојанов рече дека со Цветници започнува светото пасхално време, во кое се случи историскиот спасителен настан за секој човек. Укажувајќи на важноста на Христовата мака за нас, потсети дека Исус ги повика со себе во Гетсиманија своите ученици, како што тоа го направи и на гората на Преображение, истакнувајќи дека со тоа се сведоци на близината на Бог и крстот кој е пат во небо. „Тука започнува Исусовото страдање. Ученикот го предава Учителот. Колку само голема болка и како ние би се чувствувале во една таква ситуација. Исус молеше и влегуваше во волјата на Отецот. Имајќи ја пред себе големата Божја љубов и ние да ја откриваме и да влеземе во Божјата волја за нашиот живот“, рече бискупот Стојанов.
На крајот од литургиското славење бискупот Стојанов ја предводеше молитвата за семејство, која се моли во сите парохиски заедници, а по повод прогласената „Година на семејство“.
Кон свеченото славење свој допринос дадоа и министрантите предводени од церемонијалот, богословот Бошко Чатлак (Редемпторис Мтаер), а катедралниот хор пееше под водство на с. Татјна Атанасова.
По завршувањето на Евхаристиското славење, присутните беа поканети на Велигденски базар, организран од парохијата во организација на Јадранка Чадиновска и сестрите евхаристинки, с. Наталија и с. Роберта. Паричните средства собрани од продажбата на колачите и другите предмети ќе бидат наменети за потребите на парохијата.
д. Д.Т.