Во денешното Евангелие од Литургијата го слушнавме таканаречениот почеток од Исусовиот „проштален говор“ – рече папата Фрањо на 10 мај 2020 година пред молитвата Царице небесна и потсети: Тоа се зборовите кои им ги упати на крајот од Последната вечера, непосредно пред да ги поднесе страданијата. Во таквиот драматичен момент Исусе рече: Да не се плаши срцето ваше! Тоа го вели и на нас во тешкотиите во животот. Но што треба да направиме да не се плаши нашето срце?
Исус покажува два лека против вознемиреноста? – рече папата Фрањо и истакна – Првиот е: Верувајте во мене! Тој совет изгледа малку теоретски и апстрактен. Меѓутоа Исус сака да ни каже конкретна работа. Знае дека најголемата тешкотија и вознемиреност произлегуваат од чувството дека нема да успееме, дека сме сами и без поддршка во однос на она што се случува. Таа вознемиреност во која на тешкотијата се надоврзува тешкотија, само не можеме да ја надминеме. Затоа Исус бара да веруваме во него, а тоа значи да не се потпираме на себе, туку на него, затоа што ослободувањето од вознемиреноста произлегува од довербата. Исус воскресна и е жив за да биде секогаш со нас. Значи можеме да му кажеме: Исусе верувам дека воскресна и дека си покрај мене. Верувам дека ме слушаш. Ти го донесувам она што ме вознемирува, своите грижи. Верувам во тебе и ти се доверувам.
Постои и друг лек против вознемиреноста кој Исус го искажува со овие зборови: Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. Одам да ви приготвам место – цитираше Светиот Отец и додаде: Тоа е она што Исус го направи за нас, резервира место за нас во небото. Врз себе го зеде нашето човештво како би го однел од онаа страна на смртта, на ново место, во небо, затоа што таму каде што е тој, таму сме и ние. Тоа е сигурноста која нè утешува, постои место кое е резервирано за секој.
Не можеме да живееме без смисла и конечна цел – поттикна папата Фрањо и напомена: Бог нè очекува, скапоцени сме за него, тој е вљубен во убавината на своите деца. За нас го подготви најдостојното и најубавото место, а тоа е рајот. Да не заборавиме, престојувалиштето кои нè очекува е рајот. Тука сме на минување. Создадени сме за небо, за вечен живот и засекогаш да живееме. Засекогаш е нешто што сега не можеме да си го замислиме. Но уште е поубаво да мислиме дека тоа „засекогаш“ да се биде во радост, во полно заедништво со Бог и со другите, без солзи, омраза, поделби и вознемирување.
Но како да дојдеме до рајот? – праша Папата и одговори: Еве ја Исусовата одлучувачка реченица: Јас сум патот! За да дојдеме во небо, Исус е патот, со него треба да имаме жив однос, да го имитираме во љубовта и неговите чекори да ги следиме. Ние христијаните, можеме да се прашаме: по кој пат одиме? Постојат патишта кои не водат во небо! Тоа се патиштата на моќ, световност и самоостварување.
Постои патот Исусов, тоа е пат на понизна љубов, молитва, благост и доверба. Тоа не е пат на кој сум јас протагонист, тоа е пат на кој Исус е протагонист на мојот живот. Тоа значи секој ден да се оди понатаму, говорејќи му: Исусе што мислиш за мојот избор? Што би направил ти со тие луѓе во таа ситуација? Ќе ни помогне ако го замолиме Исус, Тој е Патот, да нè упати кон небото. Богородица, Царицата на небото, нека ни помогне да го следиме Исус, кој ни го отвори рајот – рече на крајот Светиот Отец.