Христос ги сака лицемерите

За лицемерите, хипокритите, фарисеите, дволичните, тешко наоѓаме за нив по некој добар збор. А јас сум лицемер. И не можам да не бидам лицемер. Колку и да се обидувам, што и да направам, сум и останувам лицемер. И верувам дека Христос ги сака лицемерите, како што ги сака цариниците и блудниците, разбојниците и насилниците. И верувам дека Христос ја пролеа својата Крв за спасение на лицемерите.

Не ми лесно да се прифатам себе си дека сум лицемер. Тешко се разбирам. Молам помош од поранешниот фарисеј, Павле од Тарс за да ми помогне. Сите знаеме дека Павле пред средбата со Христос беше ревен фарисеј. А тоа значи и лицемер. И тој тоа го признава без влакно на јазикот. Мислеше дека е светец и праведник, а бил насилник. Мислеше дека е обожавател на Бог, а го обожаваше своето јас. И така натаму.

По средбата со Воскреснатиот и со просветлувањето од Светиот Дух, ја откри својата длабока причина за лицемерието и ја стави својата неизлечива рана во Христовите рани. Го откри она што срамежливо го открива во Посланието до Римјаните, дека е растргнат во себе. Открива и дека сите луѓе се растргнати во дното на своето битие. Според тоа, сите се лицемери. Сите се прикажуваат подобри од она што се. Сите глумиме убавина. Сите сме едно на надвор, а друго во себе. Сите се воздржуваме да не бидеме дивјаци кон надвор, а сите добро чувствуваме дека сме дивјаци во интимата на срцето.

Кој сака нека ја прочита седмата и осмата глава од Посланието на светиот апостол Павле до Римјаните и ќе ја разбере добро причината на својата поделеност, лицемерие и дволичност. Само накратко: сите гледаме што е добро и со задоволство се согласуваме со доброто. Доброто е најдлабокиот закон на нашата душа. Меѓутоа во нашата внатрешност постои друг закон кој нѐ гони на нешто спротивно. Тоа е законот на смртта. Законот на страста. Закон на себичноста. Закон на дивјаштво. Насилство. И тој закон во нас е посилен од законот на доброто. Доброто е подлабоко, но дивјаштвото е посилно. Штом некој ќе не боцне, се распаѓа нашата добрина и ние реагираме диво. А тоа ни е тешко да го признаеме. И понатаму од надвор ја задржуваме добрината. Не пцуеме, бидејќи тоа е нешто грдо. Не го подигаме гласот, бидејќи тоа е болно. И остануваме кон надвор на доброто, но тоа добро внатре е распаднато. И ете, лицемери сме. Глумци. Обични фарисеи. Кон ова, многу ни е важно луѓето да мислат за нас дека сме добри и свети. Со раце и нозе се бориме за таа слика за нас. Не поднесуваме околината да не смета за лоши. Крадливци, расипници, па дури и тогаш кога тоа навистина сме. И тоа нѐ гони на маскирање. Шминкање. Претворање. Лажење. Подесување. Позирање.

А Христос ги љуби сите безусловно. Христос ги сака лицемерите. Тој ги исцелува. Во мојата внатрешност го праќа Светиот Дух и ме одобрува. Ме подобрува од внатре. Посветува. Чисти. Ослободува. Свети Павле воскликнува: Му благодариме на Бог за Исус Христос! Тој умре за лицемерите и воскресна за нивно спасение. Оправдување. Христос ме прави едноставен. Дете. Единствен. Искрен. Природен. Она што сум. Обичен.

Бог го даде својот Син за радост на сите лицемери. Лицемерието остро те ранува, но Твојот Спасител те исцелува. Тоа е бавен процес и долг пат, но Спасителот не се откажува.

Свети Павле, небесен брате, застапувај се за мене и за сите мои браќа и сестри кои ги измачува истата рана.

А.Н.

Категорија: Размислување

За авторот