Во пресрет на конференција на Обединетите нации (ОН) за климатски промени, тројцата големи христијански поглавари упатија заеднички апел до верниците за „да го слушнат плачот на Земјата“ и да преземат итни мерки за заштита на животната средина и намалување на последиците од климатските промени.
Во апелот со наслов „Заедничка порака за заштита на животот“, папата Фрањо, англиканскиот надбискупот од Кантербери Џастин Велби и православниот вселенски патријарх Вартоломеј I ги повикаа христијаните да се помолат за светските лидери да донесат претпазливи и храбри одлуки на Конференцијата на ОН за климатските промени во ноември во Глазгов.
„Ги повикуваме сите луѓе, без оглед на нивните верувања и погледи на светот, да го слушнат плачот на Земјата и плачот на сиромашните, да го преиспитаат своето однесување и да ги направат потребните жртви за спас на Земјата, која ни е дадена од Бога – стои во пораката.
Папата Фрањо е поглавар на Католичката црква со 1,3 милијарди верници, Патријархот Вартоломеј I е на чело на 220 милиони православни христијани во светот, а Велби е надбискуп на светската англиканска заедница, која брои околу 85 милиони членови.
Сите тројца активно се залагаат за заштита на животната средина и се согласуваат дека климатските промени и глобалното затоплување се барем делумно предизвикани од човечка активност, вклучително и прекумерна употреба на фосилни горива.
Губење на биодиверзитетот, деградација на животната средина и климатски промени
„Пред нас е строга правда на дело: губењето на биолошката разновидност, деградацијата на животната средина и климатските промени се неизбежни последици од нашите постапки, нашата алчност за прекумерна експлоатација на ресурсите на Земјата, оваа планета повеќе не може ова да го издржи“, велат поглаварите на Црквите.
Тие, исто така, ги споменуваат неодамнешните екстремни временски појави, природни катастрофи, поплави, пожари, суши и зголемување на нивото на морето, кои покажуваат дека „климатските промени не се предизвик со кој ќе се соочиме во иднина, туку се непосредна криза која веќе го загрозува опстанокот на животот.”
Ова лето беше најтоплото во Европа, иако има мала разлика во споредба со претходните две највисоко измерени температури во периодот од јуни до август, објавија во вторникот европските научници.
Голем собир на светски религиски водачи во Ватикан на 4 октомври
Во ноември во Глазгов ќе се одржи конференција на ОН за климатските промени. На ваквите настани обично присуствуваат делегати од повеќе од 190 земји. Папата Фрањо, исто така, ќе присуствува на конференцијата на ОН во Глазгов во ноември оваа година, доколку неговата здравствена состојба тоа го дозволи, со оглед на тоа што во јули имаше операција на дебелото црево. Учеството го потврди и надбискупот Велби, објави неговата портпаролка. Канцеларијата на патријархот Вартоломеј I сѐ уште го нема потврдено неговото учество.
Ватикан ќе биде домаќин на голем собир на светски религиски водачи и научници на 4 октомври за да ја истакне важноста на претстојната климатска конференција во Глазгов.
Собирот, кој ќе се одржипод мотото „Верата и наука: Во пресрет на COP26″, ќе учествуваат околу 40 високи претставници од најголемите религии во светот и десетина научници.
Ватикан њуз/к.мк