Христијанските источни патријарси расправаа за состојбата на христијаните на Блискиот исток

На средбата одржана на 27 јануари во седиштето на либанскиот патријархат (во Бкерке), патријарсите и христијанските водачи од Истокот расправаа за состојбата на христијаните на Блискиот Исток, а од арапската и од меѓународната заедница побараа да престанат со поддршката на тероризмот и на бегалците да им помогнат заземајќи се за нивното враќање во татковината. Освен тоа, бараа поодлучно ангажирање во изнаоѓање на решение за палестинско – израелската криза.

Патријархот Бехара Раи рече дека цел на средбата била подобро запознавање на состојбата на христијанските бегалци и верниците кои и покрај војната и тешкотиите не ја напуштија својата држава. Треба брзо да им се помогне и да им се гарантира работа, образование на нивните деца, сместување како би можеле да останат во своите краеви, негувајќи ја својата традиција и христијанско послание – заклучи патријархот.

Втора цел беше да се повика арапската и меѓународната заедница да престанат да ги финансираат терористите и на бегалците да им помогнат да се вратат во своите краеви и во обновата на нивните куќи. Тоа е остварливо само ако во Сирија и Ирак се запре војувањето, ако се отпочне дијалог помеѓу завојуваните страни и ако се оневозможат терористите. Арапската и меѓународната заедница треба да престанат финансиски и воено да ги поддржуваат терористите, затворајќи ги границите треба да го спречат приливот на платеници. Политичките и економски планови не можат да ги оправдаат ужасните напади на човештвото – рече патријархот Раи.

Патријарсите и христијанските водачи сметаа дека итно треба да се реши палестинско – израелската криза според принципот „два народа, две држави“, а на бегалците да им се овозможи враќање во своите домови. Очигледно е дека овие два вооружени судири, израелско – палестинскиот и израелско – арапскиот се главни причини на несреќите кои ги проживуваме на Блискиот Исток – истакна либанскиот патријарх Раи.

Патријарсите и христијанските водачи ги поттикнаа владите и невладините организации на поголемо заземање за бегалците, за ослободување на сите киднапирани и заробени лица: војници, обични граѓани и верски водачи, меѓу нив и двајцата православни владици од Алепо, кои фундаменталистите скоро две години ги држат во заробеништво во Сирија.

На средбата се расправало и за состојбата во Либан, кој од мај 2014 година е без претседател, а чиј избор го бојкотираат христијанските и муслиманските политички групи.

РВ/С.С.

Категорија: Свет

За авторот