Во недела 29 октомври 2023 година во манастирот Мајка Божја Паљурска – Утешителка во Паљурци се одржа национално ходочестие кое го предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, а учество зедоа свештеници и верници од Струмичко – скопска епархија и Скопска бискупија, монашки заедници и членови на црковни движења.
Кратко пред 12.30 часот започнаа во Паљурци да пристигнуваат ходочесници во организирани групи, но и со сопствен превоз. За време на пешачење до манастирот на „Чуката“, повеќе групи молеа Света Бројница и се пееја песни во чест на Богородица. Во манастирот Мајка Божја Паљурска – Утешителка на Чуката епископот Стојанов ја предводеше Светата Бројаница, а веднаш потоа и Молебенот до Пресвета Богородица.
На почетокот од својата проповед за време на Молебенот епископот Стојанов ги поздрави сите присутни во националното поклоничко место Паљурци на завршното заедничко овогодишно поклонение под заштита на Света Марија Утешителка – Паљурска наменето за мир во Украина, Израел и Палестина како и на други места во светот каде мирот е неопходен. При тоа тој истакна дека не смееме да ги заборавиме и нашите молби и накани да ги упатиме до Света Богородица Утешителка Паљурска од која очекуваме застапништво пред нејзиниот Син Исус Христос и услишение на нашите молби.
Во продолжение монсињор Стојанов истакна дека човекот по природа е ходочесник и се чувствува недовршено, неисполнето, нецелосно, условено, не наоѓајќи остварување на своите најдлабоко стремежи и додаде: „ Затоа бара средба која би му отворила нови можности и би укажала на правецот кон неговата последна татковина. Земјата колку и да е живеалиште на човекот, тој во неа се доживува како странец. Желбата го привлекува кон поцелосен, повисок, посреќен и посвет живот.“
Потоа се осврна на предавањето на отец д-р Зоран Стојанов на трибината која се одржа во Струмица на 15 октомври за Светилиштето Паљурци, кој ги појасни термините: ходочесник; ходочестие – ходочествување и надоврзувајќи се на Вториот Ватикански концил истакна: Црквата е „народ Божји во патување“, ходочествување кон вечната татковина.
Епископот Стојанов рече дека ходочестието е прифаќање на човечката ходочесничка природа и е слика на човечкиот живот и нагласи: Одејќи кон местото каде што трансценденцијата-натприродноста е некако поблиску, човекот-патник го доживува собирањето на своето битие и живот. Тој чувствува стравопочит кон Господарот на целото создание. Неговата вера се буди дека Бог на тоа место посебно ќе ги услиша неговите молитви и ќе биде блиску до неговите потреби.
Својата проповед ја заврши со зборовите: Средбата во светилиштето ја обновува вербата и храброста во нас да ги надминеме животните тешкотии и напорниот пат без да го заборавиме ветувањето: Исус се вознесе кај Отецот и откако ќе подготви место, повторно ќе дојде.
По повик на епископот Стојанов за учество на ходочестието, светилиштето Мајка Божја Утешителка во Паљурци и парохијата „Свети Кирил и Методиј“ – Богданци и одговорните свештеници протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов – ректор на светилиштето и протојереј ставрофор о. Тома Ангелов – парох во Богданци ја презедоа организцијата и се погрижија за програмата, пречекот на ходочесниците и уредувањето околу манастирот и пристапниот пат до манастирот.
Оваа година се организираа вкупно четири заеднички ходочестија во Паљурци, од кои две во чест на Свети Апостол Павле, на 25 јануари и 12 јули и две во Чест на Пресвета Богородица, на 31 мај и 29 октомври. Покрај тоа голем број луѓе самоиницијативно го посетуваат Паљурци упатувајќи ги своите молитви до Богородица, а имаше и групи од странство кои го посетија ова македонско национално светилиште.
Епископот Шанов во 1908 година во Паљурци го посвети македонскиот народ на Пресвета Богородица Утешителка, а во мај 2018 година епископот Стојанов го благослови возобновеното светилиште Мајка Божја Утешителка. Паљурци за голем број верници е место на молитва, каде што Пресвета Богородица ги услишува молитвите.
За време на Молебенот на 10 јули 2022 година можеше да се забележи несекојдневен настан. Според очевидци од почетокот на Молебенот па сѐ до крајот на молитвата можеше да се види како црквата „Пресвета Богородица Утешителка“ на Чуката беше обвиена во силна светлина. Веднаш откако завршил Mолебенот, според кажувањата на очевидци, светлината исчезнала. Исто така и за време на ходочестието на 31 мај оваа година, според една фотографија, на облаците можеше да се препознае Светото Семејство и отец Јосиф Алоати.
к.мк