Ходочастие на првопричесниците и министрантите од Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ – Струмица
Во сабота 28 јуни 2014 година првопричесниците и министрантите од катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ – Струмица, заедно со о. Ристо Самарџиски и сестрите Евхаристинки, с. Тереза и с. Луиза се упатија на еднодневно поклонение во Крушево и Битола.
Првата дестинација беше црквата „Преображение Господово“ во Крушево, каде ходочасничката група се заблагодари на Господ Исус, за сѐ добро што им даде во животот и побараа милост и дар за да продолжат понатаму да го следат Исус.
Посетата на Крушево беше можност да се посети на спомен куќата на Тоше Проески, каде можеше да се види и плакетата од државната награда „Мајка Тереза“, која Проески ја доби во 2003 година за бројните хуманитарни настапи. Престојот во Крушево се заокружи со посета на спомен местото „Мечкин Камен“, каде во 1903 година се водеше познатата битка за одбраната на Крушевската Република.
Првопричесниците и министрантие своето ходочастие го продолжија посетувајќи ја Битола, каде во црквата „Пресвето Срце Исусово“ се служеше света Литургија. Ходочастието се вратија во Струмица во вечерните часови.
К.мк+о.Р.С.