Фра Ибрахим се врати во Алепо за да биде со својот народ

Фра Ибрахим се врати во Алепо за да биде со својот народ

„Црквата е Мајка која се грижи за човечките потреби не само со побожни зборови – кои се неопходни – туку и со конкретни дела кои се однесуваат на секојдневниот живот. Среќни сме што можеме да им помогнеме на голем број луѓе донесувајќи им ја Христовата обновувачка благодат,“ вели фра Ибрахим Сабаг.

Свети Иван Павле II знаеше да го дефинира свештеникот како „човек за другите“. Фра Ибрахим Сабаг, парох од воено опостушеното Алепо кој и покрај сите неволји одлучи да остане со својот народ, ова дефиниција за свештеник навистина ја потврди со својот живот.

По завршувањето на студиите во Рим, фра Ибрахим одлучува да се врати во својата родна Сирија за да биде „со својот народ“ и да ја дели со нив истата судбина.

Склопив сојуз со Бог кога од Него примив јасен повик да Го наследувам. Му реков: „Господи, да се живее со тебе е тешко, но без Тебе е невозможно. Не можам да живеам разделен од Тебе.“ Тогаш, кога сфатив дека како свештеник сум повикан да ги лекувам другите, семејствата, одлучив да останам овде, за да можам целосно да се посветам на другите. Да се грижам за Неговото семејство, за Неговиот народ: тоа е Неговата волја и јас сум целосно подготвен тоа да го правам, да отидам во бил кој дел на светот со сигурност дека Он таму ме испраќа, преку своите претставници. Кога од мене побараа да одам во Алепо, не се плашев, иако знаев дека таму ме чека тежок крст – рече во еден разговор овој храбар фрањевец родум од Дамаск.

И иако во Алепо оружјето конечно замолча, до вистинскиот мир и нормализирање на животот сѐ уште е долг патот.

-Од 22 декември, кога владините сили ја презедоа контролата над градот нема повеќе конфликт. Оружјето молчи во речиси целиот град, но војната продолжува во другите делови на земјата, а овде повремено слушаме престрелки, посебно ноќе. Условите за живот се малку подобри, но и понатаму постојат големи проблеми: немаме постојано снабдување со струја, туку само неколку часови дневно. Во некои делови недостасува вода, во други ја има но не е питка што предизвикува бројни случаи на дигестивни инфекции. Цените во продавниците се многу високи. Некои населби се претворени во урнатини и нема куќа која не е погодена од гранатите…“ раскажува фра Ибрахим во разговор за Ватикан Инсајдер.

Шестгодишната војна остави страшни последици. Потребно е да се обноват не само домовите, туку и човечките срца и да се излекуваат раните, но според зборовите на фра Ибрахим во луѓето не владее само болката и обесхрабреноста, туку постои силна одлучност за нов почеток. На тој пат на обнова помошта од фрањевската заедница во Алепо е непроценлива.

Заедно со своите браќа фрањевци фра Ибрахим уште на почетокот на годината започна неколку важни проекти како што се организација за снабдување со вода, медицинска грижа за сите на кои таа им е потребна, обнова на куќите, и организација на летен ораториј за деца.

-Сфативме дека не можеме да чекаме државата да започне со обнова на куќите. Од јануари до денес – со помош на голем број волонтери – обновивме речиси 600 куќи, им помогнавме на 200 млади луѓе да започнат со некои активности, и на десетици семејства им обезбедивме сѐ што е потребно за обнова на нивните домови. Во јуни започна летниот ораториј кој собра 856 деца – вели фра Ибрахим.

Посебно внимание обрнавме на идните брачни парови на кои настојуваме да им го олесниме почетокот на брачниот живот, како во духовна така и во материјална смисла.

-Моментално имаме околу 50 свршени парови кои се подготвуваат за брак. Трогателно е да се види како тие млади се соочуваат со големиот животен чекор: од нивните зборови до начинот на кој гледаат во иднината се препознава сериозноста во размислувањето за христијанскиот брак, одговорноста и двостраното дарување – сведочи парохот од Алепо, додавајќи дека на младите парови настојува да им обезбеди материјална помош:

-Ние сме овде за да ги подржиме и во економска смисла. На некои парови една или по две години им плаќаме закупнина за куќата, додека на други им помагаме во обновата и уредувањето на куќата. Како што кажав, цените се многу високи. Еден фрижидер од сириско производство стигнува до околу 700 долари, а варосување на куќата од 400 до 800 долари. Има девојки кои се среќни ако можат да изнајмат венчаница, но често ниту за тоа немаат доволно пари. Тогаш ние сме тука. Исто така им помагаме да најдат работа – објаснува фра Ибрахим.

На секој млад брачен пар фрањевците месечно обезбедуваат пакет со намирници, ги плаќаат нивните сметки за струја, лекови и медицинска грижа во текот на бременоста и за породувањето. По раѓањето на детето се грижат за сѐ што им е потребно.

-Црквата е Мајка која се грижи за човечките потреби не само со побожни зборови – кои се неопходни – туку и со конкретни дела кои се однесуваат на секојдневниот живот. Среќни сме што можеме да им помогнеме на голем број луѓе донесувајќи им ја Христовата обновувачка благодат. Ако во тоа успееме, тоа не е заради нашите способности, туку заради Христос: Он е Тој Кој дава сила. Он ги лекува раните и води од смрт во живот. Силно веруваме во силата на воскресението – одлучен е фра Ибрахим.

Шестгодишната војна и секојдневниот живот во страв најголем траг остави на децата, затоа фрањевците токму на нив настојуваат да им пружат најголема поддршка. Фра Ибрахим се присети на сведоштвото на еден татко на десетгодишно дете кое заради изложеност на секојдневно бомбардирање започна исплашено да реагира на најмал звук.

За до некаде да им помогнеме во закрепнувањето организиравме летен ораториј на тема „Со Исус ќе го насликам својот живот.“

-Во текот на два месеци, благодарение на волонтерите, 856 деца можат да си играат, да се натпреваруваат и да ги минуваат часовите во пеење, играње, глума и цртање. Многу се забавуваа. На крајот имаше голема прослава за затворањето на активностите во кои учествуваат 3200 луѓе – родители и членови на семејствата, пресреќни што ги гледат своите деца задоволни и расположени. Размислуваме за организација на воннаставни активности во кои би учествувале католички и православни институции. После толку страдање, децата и младите имаат потешкотии со учењето и потребна им е помош – рече фра Ибрахим.

Несебичниот ангажман на сириските фрањевци охрабри и голем број семејства на враќање во Сирија, бидејќи по враќањето им обебзедуваат духовна и материјална поддршка. А на сите оние кои се двоумат околу враќањето, фра Ибрахим им порачува:

-Вратете се. Не срамете се што сте сиромашни. Црквата ќе ви помогне и ќе успеете! Му благодариме на Бог, голем број добротвори ни испраќаат пари со кои успеваме да организираме голем број активности за кои зборував. За жал во разрушениот град како Алепо парите никогаш не се доволно.

Да се молиме за нашите браќа христијани во Сирија, но и за сите нејзини жители.

Битно.нет/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот