Фатимска порака: Луција зборува

Блажена Дева Марија се објави во Фатима во еден пресуден историски час: во текот на Првата светска војна и во пресрет на страшните настани кои ја запалија Европа и светот (1938-1945 и понатаму) (…)

Мајката Христова и Мајка наша не може, а да не влезе уште еднаш во настаните и историјата на светот.

Со својата неограничена љубов, ја нуди својата помош на посредничка помеѓу Небото и земјата, помеѓу Создателот и созданијата, за повторно да се воспостави искрен и вистински однос на љубов помеѓу Бог и луѓето, кој насилно го прекинал гревот.

Ниту во првиот пад на нашите прародители во земскиот рај, ниту во случаи на наш личен пад, Бог не го отфрла човекот, туку човекот го отфрла Бог. А кој го презира Бог не може да го сака ближниот.

Историјата е полна со докази за оваа вистина. Меѓутоа Пресвета Богородица во Фатима се однесува на конкретни факти: На стравот од Првата светска војна и на тогаш сè уште ненасетениот ужас од Вториот светски конфликт, кои последиците – во одредена смисла – траат до денес, иако не така мачни како што биле до неодамна.

Поттикната од болната слика на човечката неслога, омразата и уништувањето, Мајка Божја ја открива на слабите изнемоштеници деца – Луција, Фрањо и Јацинта – својата двојна болка: првата заради навредите кои луѓето ги нанесуваат на Господ и другата заради временските и вечната пропаст не само на поединци, туку и на народи.

Го покажува своето Пречисто Срце како симбол и реалност на својата мајчинска љубов и милосрдие, како противзнак на гревот и омразата и како сигурно средство за спасение.

И да нема сомнеж што за Бог значи гревот и кои се неговите последици, Пресвета Борогодица им зборува на децата за војните, немирите и страдањата на овој свет и им го покажува пеколот, очајната реалност во која заминуваат душите на грешниците. Таа двојна последица од смртните гревови (војните, немири во земјите, и вечната осуда за непокајаните). Пресвета Богородица тоа посебно го нагласила со тоа што на децата – на кои им се објавува им го покажува пеколот.

„Го видовте – рекла Пресвета Богородица – каде заминуваат душите на кутрите грешници. За да ги спаси, Бог сака да воспостави во светот побожност кон моето Пречисто Срце. Ако луѓето го прифатат она што ќе го кажам, многу души ќе се спасат и ќе биде мир.

Но, ако не престанат да го навредуваат Бог, за понтификатот на следниот Папа (Пио XI), ќе започне друга, уште полоша војна. Кога ќе видете ноќ осветлена со непозната светлина, знајте дека тој е голем знак, кој Бог ви го испраќа; знак дека ќе го казни светот заради неговите злодела – војна, глад и прогонство на Црквата и Светиот Отец…“

За жал луѓето не ги прифатија зборовите на Пресвета Богородица и страшна војна го зафати светот, остави зад себе милиони мртви и безброј урнатини, и што е најлошо ги затвори човечките срца со омраза и освета. (…)

„За тоа да го спречите ќе дојдам да побарам посвета на Русија на моето Пречисто Срце, и како надомест света Причест во пет први саботи во месецот. Ако луѓето ги прифатат моите барања, Русија ќе се преобрати и ќе биде мир. Ако не, таа ќе распространи заблуди во светот, кои ќе предизвикаат војни и прогонство на Црквата. Добрите ќе бидат мачени. Светиот Отец многу ќе трпи, разни народи ќе бидат уништени. Најпосле моето Срце ќе победи…“

Сето тоа е кажано во 1917 година и сето тоа за жал се исполнило подоцна, затоа што луѓето не го послушале мајчинскиот Богородичен повик. Никој не може да негира дека сето она се исполнило. Зад нас е Втората светска војна, а и свежите капки крв кои Светиот Отец ги пролеа на плоштадот Свети Петар. Тие се тажни сведоштва за еден небесен повик, кој останал без одговор.

Фатимска порака: Луција зборува/к.мк

 

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот